Имењачка на Кејт Мидлтон се облекува исто како војвотката, но со евтини копии (фото)
Покрај тоа што има исто име, верната обожавателка го копира речиси секое модно издание на дамата од кралското семејство, имитирајќи ги нејзините иконски изгледи по многу пониски цени.
Жените во Велика Британија, но и ширум целиот свет, постојано се воодушевуваат и инспирираат од модниот вкус на Кејт Мидлтон, славната војвотка од Кембриџ. Но, оваа девојка e толку опседната со нејзиниот изглед, што одлучила да ја подигне ваквата опсесија на сосема ново ниво.
29-годишната козметичарка Кејт Урбанкса, внимателно следи сè што ќе облече планетарно познатата имењачка, а потоа започнува со пребарување на eBay и останатите онлајн продавници, каде пронаоѓа и купува копии на гардеробата на шармантната војвотка, или, пак, дури и идентични парчиња на нејзините, но за многу помала сума.
На пример, дизајнерскиот фустан што сопругата на принцот Вилијам го носеше во Индија, а чини над 3.000 фунти, другата Кејт си го обезбедила за само 30 фунти. Сè што ќе успее да ископира, таа го објавува на својот профил на Инстаграм, информирајќи ги следбениците на кој начин и за колку пари ги набавила костумите, фустаните и капутите, налик на тие што претходно ги имала Мидлтон на себе.
Во разговорот за Daily Mail, таа изјави дека го обожува стилот на војвотката, затоа што е скромен и класичен, за разлика од облеката на повеќето ѕвезди на денешницата.
„Нејзината облека се состои од квалитетни парчиња, кои одново и одново може да се носат.“, вели козметичарката.
Сè што ќе купи, обожавателката на Кејт го крои по сопствена мерка, за што соработува и со шнајдер, а досега имала најмногу среќа со купувањето на eBay.
„Секој ден пребарувам на eBay. Не е важно дали сум чекам автобус, или сум во ред за на шалтер - секој слободен миг ми минува во потрага.“
Сепак, дури ни таа не купува баш сè што ќе види на модната икона од Кембриџ:
„Мора да бидете реални и да знаете што ќе ви прилега во секојдневниот живот. Можно е да ве маѓепсаат долгите фустани кои таа ги носела, но ако гламурозните креации од високата мода не соодветствуваат на вашиот стил на живот, нема зошто да ги купувате!“
Досега има потрошено околу 7000 фунти на копирање на модните комбинации на Кејт Мидлтон, а речиси сите парчиња ги купила на попуст. Полн износ платила само за штиклите со потпис на Gianvito Rossi, за кои, и самата вели дека „никако да стигнат на распродажба“.
Како ви се чини модната двојничка на војвотката?
М. А. | Црнобело