Како да изгледате убаво во кожна облека?
Облеката од кожа е одраз на елеганција, гламур и луксуз. И добар стил, се разбира, но само ако знаете да ја носите на вистинскиот начин. Доколку сакате да изгледате модерно и убаво стилизирани носејќи кожни парчиња, ви споделуваме неколку модни совети и предлог-комбинации кои ќе ви бидат од полза.
Кога се кожните сукњи во прашање, тие со децении не излегуваат од мода. Покрај класичните црни, сè повеќе се носат и моделите во боја, а се полн погодок за деловен изглед. Одберете кожна сукња со „пенсил“ крој и носете ја со кошула или ролка. Оваа пролет, нема да погрешите доколку се одлучите за беж здолниште, а го искомбинирате со пастелно розов детаљ или облека.
Покрај кожните сукњи, и фустаните од овој материјал изгледаат преубаво во комбинација со тесна ролка или кошула. Преферирајте ги моделите од брусена кожа или оние со благ сјај.
Фустанот не мора да биде црн. Бордо нијансата ќе придонесе да делувате богато и префинето, а доколку одберете ролка во контрастен тон, ќе создадете неодолив ретро изглед.
Доколку за вечерните изглегувања се решите за кожен топ, тогаш имате максимална слобода во комбинирањето. Нашиот предлог е да го стилизирате со „машки“ тип на фармерки или плисирано миди здолниште.
Кожните панталони, пак, изгледаат урбано и шик ако ги искомбинирате со парчиња од тексас и бела памучна облека. Избегнувајте да носите кожни панталони и кожен топ истовремено. За вечерните прилики, проѕирна кошула и високи потпетици се добитната формула, а за опуштена дневна варијанта, вашиот избор нека бидат дуксер и патики.
За крај, кожната јакна е нешто без што една современа жена едноставно не може. Претставува безвременско парче, а и става печат на секоја комбинација. Најдобро прилега во тандем со полежерна облека, како што се фармерки, туники и маици. За да ја нагласите женственоста, пак, кожната јакна може да ја споите и со миди или макси лелеав фустан.
Инспирирајте се од нашите предлози во галеријата и бидете вешти во комбинирањето:
М. А. | Црнобело