Направи сама: На старите балетанки нацртај лик на слатко маче
Имате еднобојни стари балетанки кои сакате да продолжите и оваа сезона да ги носите? Брзо и едноставно може да бидат во ново руво. Потребно ви е само малку боја и време.
Старите балетанки може да добијат нов изглед со брзо нанесување на фабричка боја од која ќе излезе слатко маче.
Потребно ви е:
- Еден пар стари балетанки
- Бела и црна фабричка боја
- Самолеплива трака
- Мала и голема четка
- Обична шнола
За почеток на врвот на балетанките залепете парче самолеплива трака. Внимавајте истата добро да биде залепена за да не ви се размачка бојата при нанесувањето.
Продолжете со нанесување на трака и на долниот дел од балетанките се со цел гумата да не ја добие бојата која ќе ја нанесувате.
Послужете се со големата четка и започнете со боењето. Во зависност од тоа колку сакате да биде силно изразена црната боја, можете да ја нанесете еднаш или два пати. Оставете малку да се исуши бојата.
Откако сте сигурни дека бојата е добро впиена и исушена, одлепете ја траката и на горната површина нацртајте две триаголничиња за ушите.
Земете ја шнолата.
Потопете ја во белата фабричка боја и нежно нацртајте две точки кои ќе ги претставуваат очите на мачето.
Со малата четкичка продолжете со исцртувањето на ликот на мачето. Со лесни движења на двете страни направете три кратки линии и готови сте.
Сега можете да имате сосема „нови“ балетанки кои можете да ги носите секојдневно и да ги користите во многу дневни комбинации.