Најчести грешки што ги правиме кога избираме летна облека (поради што се потиме повеќе)
Избираме светла облека, но во тесен модел; купуваме облека во боја која ни е омилена, но преку која веднаш се забележуваат непријатните дамки од пот... Каде грешиме најмногу при изборот на летна облека?
Летото почна официјално пред неколку дена, а топлото време значи и дека конечно може да носите лесна облека, мини фустани, кроп-топ, кратки панталони...
Но, што кога омилените парчиња, кои едвај чекавте да ги облечете, се погрешен избор, бидејќи во нив повеќе ќе се потите?
Стилистите откриваат кои се некои од најголемите грешки кои ги правиме при изборот на летна облека и како да ги коригираме:
Носите тесни парчиња од тексас
Иако памукот е идеален за лето, тоа не се однесува на тексасот, бидејќи е претежок, па не дозволува воздухот да минува низ него и задржува влажност.
Кога надвор е претполо, а вие сте во облека од тексас, почнувате да се потите и „лепите“, дури и кога се во прашање кратки панталончиња.
Но, ако не сакате да ги замените со друга облека, стилистите советуваат барем да изберете пошироки модели кои нема да ви бидат залепени за телото.
Избирате природни материјали
Памукот и ленот се сметаат за летни материјали. Но ако се испотите додека ги носите, сигурно сте забележале дека им треба подолго време да се исушат, особено на ленот.
На ленот не му оди во прилог и тоа што многу лесно се гужва.
Ова не значи дека треба целосно да ги исклучите овие материјали од вашата гардероба, затоа што се лесни и „дишат“, но можеби е подобро, барем за во најжешките денови, да изберете парчиња од бамбус, еколошки или синтетички материјали кои се специјално дизајнирани за жешко време.
Внимавате на бојата, го занемарувате дизајнот
Многу луѓе избираат бела облека за лето бидејќи не привлекува сончеви зраци како облеката во црна боја.
Според популарното мислење, црната боја е магнет за сончевите зраци, па сите кои носат црно најчесно се потат. Но, стилистите велат дека не е секогаш бојата во прашање, туку моделот.
Па така, ако носите бела тесна маичка припиена за телото, ќе се потите повеќе отколку ако изберете црна маичка во поширок модел.
Сметате дека сите проѕирни материјали дишат
Проѕирните материјали се секогаш популарни во лето, но тоа не значи дека секој проѕирен материјал е добар за лето.
На пример, ако изберете проѕирна облека изработена од полиестер или од материјал од најлон, ќе имате чувство како да сте облекле пласична ќеса во која ќе се потите без престан, иако визуелно облеката ќе изгледа дека е лесна.
Блузата и кошулата ги ставате во панталоните/здолништето
Повеќето луѓе повеќе сакаат кога кошулите и блузите им се ставени во панталоните или здолништето, отколку да ги носат слободно врз нив.
Но, преку лето ова е грешка, бидејќи кога се припиени до вас, ја зголемуваат температурата на телото и повеќе се потите.
Ако и покрај тоа не сакате горните парчиња да ви паѓаат „слободно“, стилистите препорачуваат пократки модели на блузи, или, на пример, предниот дел на кошулата да го врзете во јазол.
Заборавате на бојата поради која се гледаат влажните дамки од пот
Потта под пазувите полесно се познава на парчињата во потемна боја, но и на облеката во пастелни бои, бледо розови или светло сиви нијанси.
Затоа стилистите препорачуваат да изберете шарена облека или парчиња со принт, на кои не се познаваат многу дамките од пот.
Носите свилени фустани
Точно е дека свилата е лесен материјал, идеален за лето, но факт е дека ако се испотите на топлото време, непријатните влажни траги ќе се видат веднаш.
Затоа стилистите препорачуваат свилените парчиња да избегнувате да ги носите преку ден (особено ако одите на отворено), туку да ги изберете како облека за вечерно излегување, кога нема да сте директно изложени на сонце и ќе се потите помалку.
А. Ј. | Црнобело