Кои се 4-те димензии на љубовта и како да ги достигнете?
Најчесто ја опишуваме љубовта преку видот на врската – романтична, пријателска или семејна. Сите овие се разни искажувања на љубов, но не ги опфаќаат и објаснуваат нејзините вистински квалитети. Љубовта е безусловна космичка сила. Доколку сакате да ја зголемите љубовта во вашиот живот, мора да ги разберите нејзините одлики.
Во будизмот постои увид во љубовта со четири клучни карактеристики, познати како brahmavihara, кои можат да се применат во сите врски – врската со себе, со другите и со целиот свет.
Па, погледнете кои се 4-те димензии на љубовта и што претставува секоја од нив:
Благонаклонетост
Благонаклонетоста, или metta, ја претставува желбата да се грижите за доброто на другите, и тоа не само на блиските, туку на сите суштества. Иако можеби на интелектуално ниво ги разбираме придобивките од овој пристап, активното живеење со оваа одлика е целосно ново искуство.
Можете да ја развиете благонаклонетоста со медитација која ќе ви покаже колку всушност е тешко да го отворите срцето кон сите. Видовите медитација можат да бидат различни, но основата останува иста.
Целта е да предизвикате чувство на мир, љубов и смиреност или со визуелизирање на силна светлина околу срцето, или со повторување на фрази како „Ќе бидам добро, ќе бидам среќен/а, ќе бидам мирен/на, ќе бидам сакан/а.“
Оваа медитација е поделена на неколку фази. На почетокот медитацијата е насочена кон вас. Ова може да биде навистина тешко, особено ако сте навикнати повеќе да се грижите за другите отколку за себе.
Следната фаза е насочување кон некоја сакана личност, потоа личност кон којашто сте рамнодушни, па кон личност којашто ја мразите. На крај потребно е да покажете благонаклонетост кон сите овие луѓе, но и кон сите живи суштества околу вас.
Сочувство
Латинското потекло на зборот сочувство (compati) значи „да страда со“. Сочувството е љубов со намера и желба да се намали болката и страдањето на другите. Во будизмот, karuna е активната желба да им се намали болката на другите.
Како што вашето срце се отвора и како што ја развивате безусловната љубов, ќе станете чувствителни на страдањето во светот. Имено, понекогаш може да ви биде тешко да се справите со ова.
Најверојатно ќе си го поставите прашањето како можете да бидете среќни со сето ова страдање околу вас. Одговор лежи во искусната сочувствителност. Со текот на времето ќе научите да им помагате на другите без самите да потоните.
Убавината на овој пристап е тоа што го намалува страдањето на надворешниот свет, без да го зголеми вашето.
Споделување радост
Mudita e способноста да ги споделувате радоста и успехот на другите. Ова е спротивното од љубомората и зависта. Најголемата надеж за намалување на страдањето во светот е соработката, а не натпреварот.
Кога ќе ја сфатите поврзаноста на целото постоење, ќе им го посакувате најдоброто на сите.
И овој пристап е навистина тежок, бидејќи живееме во општество што ги поттикнува одделувањето и натпреварот. Додека karuna е посветена на оние кои страдаат, mudita е посветена на оние кои се среќни. Во комбинација, овие две одлики ја отстрануваат илузијата на егото.
Смиреност
Смиреноста значи да останете во рамнотежа. Оваа одлика неретко е опишувана и како слобода. Со помош на upekkha, вие нема да бидете заробени од силните емоции или мисли, а животните ситуации нема да имаат големо влијание врз вас. Ова создава простор за безусловна љубов.
Смиреноста се развива со зголемувањето на вашата свест за улогата што ја има вашиот ум во животните настани. Ова е моќна одлика на љубовта и ви овозможува да останете со отворено срце и во најтешките моменти.
Комбинирањето на сите овие одлики ви помага да култивирате зрела љубов за сите што ќе ги сретнете во вашиот живот. На овој начин ќе можете да ја користите моќта на љубовта за да ги го подобрите вашиот и животот на другите.
Спирова С. | Црнобело