„Се гледам со оженет маж. Кога е со мене, забораваме на сè.“
Како е да се спие со некого што по сексот ќе се врати во креветот на друга жена? Дваесет и осумгодишната Нина е во љубовна врска со туѓ сопруг и татко.
Се запознале на работното место и ја привлекол штом го видела. А и таа него. Од првиот бакнеж до сега, двајцата се во тајна врска.
Нина знае дека дома го чекаат жена и деца. Понекогаш може да замижи пред вистината, ама неретко и не ѝ е така лесно.
Ова е нејзината емотивна исповед:
„Знам дека сум жена што другите жени ја мразат. Јас сум жената која растура семејства. Јас сум жената што спие со оженет маж.
Ама, што да кажам? Не бирав намерно да бидам таква. Се заљубив во него, иако честопати во главата ми одѕвонува дека тоа не е во ред и нема добро да заврши.
Обично се гледаме во мојот стан, два до три пати неделно. Дома ги лаже дека излегол на пијачка со друштвото, или, пак, дека мора подолго да остане на работа.
Кога е со мене, забораваме на сè околу себе. Лежиме во кревет, се галиме, разговараме и водиме љубов. Сепак, мора да сум внимателна, за да не оставам некоја трага. Гребнатина, кармин за усни, модринка.
И не смеам да имам парфем на себе, бидејќи тоа жените веднаш го приметуваат. Ни тој не се тушира по сексот, затоа што би било премногу очигледно. Кој се враќа свежо избањат од работа или кафеана?
Кога е со мене, сè е прекрасно. Меѓутоа, јасно ми е дека ќе си отиде дома и заспие со друга. Дека наутро ќе го разбудат децата, ќе седне со сопругата на маса и сите заедно ќе појадуваат.
Ова ужасно ме боли, затоа и се обидувам да не мислам на тоа. Ако некој мисли дека им е лесно на прељубниците да ги исклучат чувствата, тогаш страшно се лаже.
Помалку или повеќе, секогаш боли. Длабоко во себе сум свесна дека никогаш нема да го напушти своето семејство. Тоа го знам од првиот ден. И, пак не можам да ги оттргнам рацете од него!
Поради тоа исто така знам и дека ова нема да трае долго. Ќе мора да повлечам кочница, кога болката ќе стане неподнослива. Дотогаш ќе продолжам да бидам жената што ја мразат другите жени.“
M. A. | Црнобело