Финансиски грешки што може да ги растурат и најсреќните бракови
Разговорите за парите, вклучувајќи ги и караниците, може да создадат пречки во односите меѓу партнерите, или пак да ги зближат.
Секој брачен пар треба да научи како соодветно да комуницира кога се финансиите во прашање, особено во случаите кога едниот од партнерите заработува повеќе од другиот. Парите може да бидат извор на многу комфор, но и на многу зла, дури и кај оние кои ги имаат премногу.
Кога се во прашање браковите, многу нешта во заедничкото живеење се вртат токму околу нив. Статистички, има многу бракови кои се распаднале токму поради парите, а почести се разводите кај парови кои имале повисоки примања, отколку кај оние со просечни или ниски.
Затоа, треба да научите како да се справувате со финансиските тешкотии, со цел да не дозволите бракот да ви се распадне поради нив:
Заедничка или две посебни сметки
Сосема е нормално секој да има своја лична трансакциска сметка. Но, кога се во прашање заедничките трошоци, треба да се договорите како тоа ќе биде организирано.
Затоа, режиските сметки секогаш треба да бидат редовно платени, како и тековните трошоци. Одредете заеднички буџет за тоа или договорете се чија обврска е. На крај на денот, не сте цимери, туку сте брачен пар, затоа и треба убаво да се договорите околу заедничкиот буџет.
Несогласувања околи животниот стил
Животниот стил треба да биде во согласност со вашите примања, односно нивната сума. Можеби вас не ви е проблем, но имајте предвид доколку партнерот планира да штеди за некоја цел.
Разликата во платите како проблем
Сосема е нормално платите да се разликуваат, особено доколку партнерите работат во различни сектори. Кога се планира заеднички буџет, треба и овој фактор да биде земен предвид. Но, најважно од сè е дека кога ќе згусти, никој никогаш не треба да го обвинува другиот затоа што работи повеќе или затоа што заработува помалку.
Криење пари
Имајте си вие лична заштеда, но дајте му до знаење на партнерот дека има такво нешто. Никогаш не кријте финансии и не правете големи трошоци зад грб.
Мешање на децата
Најголема грешка која може да ја направите е во финансискиот конфликт да ги вмешате децата. Дури и ако сте добро ситуирани, вашите деца треба да знаат да ја ценат вредноста на парите и да сфатат дека тие не никнуваат на дрво.
Е. Д. | Црнобело