Приказни од хотелот – петти дел
Понеделник. Нормален тек на денот. Без некои турбуленции и притисоци, беше совршен ден за работа... Или не... Дур не се случи еден повик...
„Хотел Промаја, повелете“ – одговорив.
„Здраво, Елизабета Балевска е овде. Дали мојот сопруг бил тука со Добрила?“ – одговори женскиот глас од другата страна на слушалката.
„Елизабета, здраво... Знаеш дека такви информации не смеам да ти давам, иако лично те познавам...“
„Не одолговлекувај, Вилма... Тоа значи дека бил, така?“
„Елизабета, немам ништо што да одоговлекувам, моето го кажав. Друго немам што да додадам. Ова ми е работа, те молам не ме ставај во незгодни ситуации. Ако мислиш дека маж ти прави нешто на страна, истражи го самата... Мене не ме мешај во таквите работи. Пријатно“ – ѝ спуштив слушалка.
Во едно време ми стана жал што и кажав така, но што можев да направам.... Но, таа пак се јави.
„Хотел Промаја, повелете.“
„ВИЛМААААААА! Немој да ми исклучуваш, јас не сум на улица најдена! Ти мене со кое право ми спушташ?“
„Елизабета, те молам не претерувај. Ќе добијам главоболка од тебе.“ – пробав да се објаснам со смирен тон на гласот.
„Другар ти Слободан, нема да види бел ден. Така да му пренесеш кога ќе го видиш“ – одговори таа.
„Слободан не ми е ниту другар, ниту пријател. Тој ми е само познаник од факултет, ти значи ли тоа нешто? Веројатно ништо. Како што ни мене не ми значат твоите бедни обиди да го вознемируваш хотелот претставувајќи си се со лажни имиња. Те молам, Елизабета. Барај си ја правдата на друга страна, тука не. Ако продолжиш, ќе бидам присилена да се јавувам навистина во полиција. Ти жено, нѐ тероризираш буквално сите кои работиме овде. И мене не ми е лесно што мојот сопруг не е овде, што половина година не е во Македонија, туку е во странство. Но, што можам? Треба ли да се јавувам во хотелот каде што престојува или на работа да се распрашувам? Јас му верувам! Ти очигледно имаш проблем со довербата...“ – распалив без око да ми трепне, но веќе трпението ми беше при крај.
„Вилма... Јас и Слободан веќе долго време не сме интимни. Тој ми вели дека многу сум се запоставила, дека му треба нешто свежо во нашиот секс.“ – почна да се исповедува таа.
„Елизабета...“
„Не, остави ме... Вилма... Остави ме да дообјаснам. Како да се помирам со тоа што не можам да го задоволам сопствениот маж? Како да изгасна страста што ја имавме со години.... Како да се помирам со тоа што не сум повеќе млада и страсна како некогаш...“
„За годините не постојат страсти... Елизабета, мене ми доаѓаат луѓе кои имаат и по 70 години, па имаат подобар сексуален живот од некои млади... Пробај да го освоиш некако.“
„Како да го освојам? После 20 години брак ли да го освојам? Што да направам?“
„Спреми вечера и чекај го со неглиже, а под него носи или некоја секси долна облека или биди гола... Оф, Елизабета... Јас ли да те учам...“
„Мислиш ќе успее?“
„Мојов би паднал на г’з, нема да знае кај тера... Сигурно така ќе биде и со твојот.“
„Добро. А, што да му спремам за вечера?“
„Види таму спреми му динстан лосос со шампањ, и чоколадирани јагоди... Сѐ ова ти се силни афродизијаци... Забавувај се, уживај во вечерата и сексот...“
„Леле, колку пари треба да потрошам... Лесно ти е на тебе...“
„Многу ми е лесно, да... Тогаш направи му турлитава со мастика и парена торта. Што да ти кажам друго...
„Добро ми викаш, така ќе направам... Си се знае македонско... Најдобро!“
„Добро, ајде морам да спуштам сега. Имаме гости. Пријатно.“
„Пријатно.“
Не ми се веруваше дека помина саат време во објаснување што треба да направи за да има одличен секс.. За на крај да му направи турлитава.... Ах, каде е мојот Ричард...
*Сите настани и ликови во приказните од овој чуден хотел се измислени, доколку било кој се пронајде во нив – тоа е чиста случајност.
Претходниот дел прочитајте го тука.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Марија Прличкова | Црнобело