Желби кои мажите не ги кажуваат на жените, а очекуваат да им ги исполнат во врската
Независно од воспитанието, социјалниот статус, или, пак, екстровертноста, мнозинството припадници на посилниот пол, немаат навика да зборат за своите емотивни потреби во муабетите со емотивните партнерки. Сепак, ако не сакаат да ги признаат, тоа не значи и дека не ги чувствуваат како такви.
А, кој е порелевантен да ги даде одговорите на сите прашања, одошто обичните фраери од соседството.
Неколкумина од нив отворено проговореа на оваа тема, искрено признавајќи за што највеќе мечтаат во врската, но од некоја причина не е ѝ признаат на понежната половина.
Ова се желбите кои мажите не ги кажуваат на жените, а очекуваат тие да им ги исполнат во врската:
1. Комплименти
„Не знам дали знаевте, но мажите имаат кревко его. Се трудиме на сите полиња – од работа до брачниот кревет, ама ретко кога слушаме пофалба за нашите успеси или потврда дека нешто добро правиме. Саканата ми ги разубавува денот, кога неочекувано ќе ми каже дека ѝ се допаѓа како ми стојат фармерките, или, пак, ќе ме нафали за поправките во бањата. Девојки, не бидете штедливи на комплименти!“
2. Почитување
„Јас ги изедначувам почитта и љубовта. Ако жената не ги почитува моите одлуки, мислам дека во суштина и не ме сака вистински. Најлошо ми е кога приговара за мојата работа. Знам дека не заработувам колку што таа би сакала, ама уживам во она кое го правам.“
3. Интимност
„Од мали нозе, татко ми ме учеше дека машките не плачат и не зборуваат за своите чувства. Многу незгодно ми е кога имам таков порив. Уште понепријатно ми е кога ќе пуштам солза, а жената ме гледа со чудење. Ако со неа не можам да ги споделам и лошите моменти во животот, тогаш зошто воопшто сме заедно?“
4. Простор
„Ја обожавам, но понекогаш ми треба време само за себе. Мора да признаам дека не ми се допадна, кога ме праша дали ќе може и таа да дојде, па да ме гледа како играм фудбал со другарите. Ние се собираме во недела попладне. Иако сакам да поминуваме време заедно, сакам и простор да се занимавам со моите лични интереси.“
5. Сигурност
„Знам дека ме сака. Меѓутоа, убаво ми е на душата кога ќе добијам и дополнителна потврда за нејзините чувства. Кога ќе искаже намера да биде со мене дури не станеме стари, седи и збрчкани. Да ја слушнам како со сериозност им раскажува на мајка ѝ, или, пак, другарката, како би ни се викале децата или каде ќе одиме на меден месец, иако уште не сме ни верени.“
6. Допири
„Ми се допаѓа кога со дланката ќе ми пројде низ косата, кога ќе ме помилува по раката, или, пак, кога ќе ми се наслони на коленото без некаков скриен мотив. Тие мали допири немаат никаква врска со сексот, ама многу ми значат. За мене се потсетници дека е присутна во мојот живот и ме сака.“
7. Хемија
„Се чувствувам грозно кога ќе се скараме. Кога ќе се смириме, пак, зборовите не ми се доволни. Желба ми е да ја завршиме кавгата со секс. Ако не ѝ е по волја или е нерасположена, мислам дека уште е лута на мене.“
М. А. | Црнобело