Никогаш не игнорирај го малото внатрешно гласче кое ти вели дека тој е расипан никаквец кој не те заслужува
Ние жените, генерално имаме силна внатрешна интуиција која најчесто се обидуваме да ја замолчиме. Длабоко во себе скоро секогаш ја знаеме вистината, но најчесто не сакаме да ја признаеме.
А вистината не е секогаш пријатна. Таа е сурова, таа е грда, таа нанесува болка. Но, со текот на времето сите ќе научиме дека нема нешто поубаво и поослободувачко од неа.
Сетете се на ова во моментите кога барате совет од пријателите, од домашните, од некој во кого имате доверба.
Да, можеби ќе ви понудат солидни аргументи и решенија, но вие веќе ги имате сите во вас. Тоа мало внатрешно гласче, вашата интуиција која всушност е моќно гласиште кое вие успевате некако да го замолчите, да му ја наполните устата со крпчиња, да го стишите, да го заспиете и целосно да го игнорирате.
Тоа ви крева црвени знаменца во мозокот секогаш кога нешто навистина не е во ред. Се борите против нив. Ги мразите црвените знаменца, внатрешните аларми, сопственото неспокојство.
Не, тој нема да се смени никогаш. Не си ти таа специјална девојка која ќе успее да му го смени лошиот карактер. Луѓето впрочем и не умеат да се сменат во толкава драстична мера како што посакуваме.
Не, тој нема да престане да пие малку повеќе од она што ти сметаш дека е доволно. Евентуално може да почне да пие и малку повеќе.
Не, тој лаже кога ти вели дека не стапнува повеќе во казино од неговата голема последна грешка. Прашањето е уште колку такви направил после таа за кои ти не знаеш.
Не, тој не планира да престане да флертува со други жени, кришум да ја вади бурмата од прстот додека никој не гледа и да им пишува на непознати девојки доцна во ноќта додека спиеш.
И додека те убедува дека сето тоа е наивно, невино, дека ништо не му значи, дека ти си неговиот свет и живот, длабоко во себе знаеш дека тој е бесрамен, безобразен лажго.
Но, го прифаќаш извинувањето, го гушкаш со сомнеж, со некоја неудобност во стомакот, со мала кнедла во грлото, со солзи во очите кои одвај ги задржуваш.
Чувствуваш дека толку многу работи не се во ред, интуицијата силно те предупредува да внимаваш, но ти ги мериш на кантар сите работи за и против – времето коешто сте го поминале заедно, колку многу си вложила во врската, фактот што неговите родители и најблиските те прифатиле како своја, а и твоите родители му се прилично наклонети… зарем можеш на сите така лесно да им го скршиш срцето?
Да, можеш. Затоа што ако внимаваш на нивните, во меѓувреме ќе се распарчи твоето.
Секогаш кога малото гласче ти вели дека заслужуваш подобро – знај дека заслужуваш подобро.
Секогаш кога те предупредува дека тој лаже – тој навистина те лаже.
Секогаш кога ти вели да бегаш – тргни и никогаш не врти се назад.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело