Да останете блиски со пријателите на бившиот партнер или не?
Во секоја врска, секој партнер има свои пријатели, но неретко се случува голем дел од тие луѓе да станат заеднички пријатели. Воопшто не е чудно ако пријателите на вашиот партнер ви станат блиски вас, или пак вашите нему. Но, што откако врската ќе „пукне“? Кој го „положува правото“ над заедничките пријатели? Постои ли црвена линија во односите која не смее да се премине?
Во зависност од тоа како поминало раскинувањето, може да се случи да изгубите дел од пријателите, особено оние заедничките или оние кои сте ги запознале преку партнерот. Исто така, не ја исклучувајте можноста многумина од нив да се оддалечат од вас, мислејќи дека ќе ја злоупотребите блискоста за да останете во близина на поранешниот партнер. Не плашете се, истото се случува и од другата страна.
Она за што треба да бидете свесни вие, но и партнерот, е дека никој нема ексклузивно старателство над пријателите и дека на крајот од денот, тие се оние кои ќе изберат дали ќе заземат страна, ќе се повлечат на неутрален терен или ќе влезат меѓу двата огна. Но, кога треба да ги изразите фрустрациите од раскинувањето, тогаш држете се само до своите пријатели, бидејќи сè друго може да биде погрешно интерпретирано или уште полошо, погрешно пренесено.
Исто така, колку помалку луѓе кои ве поврзуваат вас двајца имате околу себе, толку полесен ќе биде процесот на закрепнување и преболување, бидејќи нема да имате повод да се сеќавате на моментите поминати со поранешниот партнер.
Помирете се со тоа дека оние кои ве запознале преку него, ќе му останат блиски и лојални нему, исто како што вашите блиски пријатели ќе бидат покрај вас додека да го преживеете раскинувањето. Но, знаејќи дека времето ќе ги излечи раните, можеби во иднина токму неговите и заедничките пријатели ќе бидат важен дел од вашиот живот.
Затоа, не ги „сечете“ сите контакти, останете на насмевка и поздравување со нив. Животот е круг, а во тој круг, многу е веројатно дека некоја од тие личности некогаш ќе ви помогне со нешто или вие неа. Единствено, не форсирајте комуникација кога раните од раскинувањето сè уште се свежи.
Е. Д. | Црнобело