Како да го контролирате своето однесување на социјалните мрежи по раскинување?
Некогаш нештата беа многу поедноставни - раскинувате, се разделувате, се разминувате на улица и по некое време преболувате. Но, денешниот начин на прекинување на врските е далеку покомплексен, дури и ако се спореди со периодот од пред само десет години.
Откако социјалните мрежи станаа неизоставен дел од нашите животи, раскинувањето може да биде доста потешко од порано, особено доколку си останете со поранешниот партнер „пријатели“ на Фејсбук или ако се следите на Инстаграм.
Можеби се разделивте во реалниот живот, но прашање на време е кога повторно ќе го здогледате името на својата стара љубов во „њуз-фидот“.
Од тој момент, вашето присуство на социјалните мрежи станува дел од многу морални дилеми, поради кои од една страна сакате да го деактивирате профилот, а од друга, сакате и да ѕирнете како вашиот бивш партнер ќе продолжи без вас и неизбежниот момент, да му покажете нему како вие сте продолжиле со животот по раскинувањето.
Што е најпаметно да се направи?
Во зависност од тоа како завршила врската, имате избор да го оставите контактот, да го скриете од тајмлајнот, да ограничите што тој може да гледа на вашиот профил, да го избришете од листата на пријатели или целосно да го блокирате.
Иако е сосема нормално да сакате повремено да проверите како му оди животот, внимавајте тоа да не премине во шпионирање или манијачење, што не е ниту паметно, ниту здраво, ниту рационално. Исто така, не претерувајте и со вашата активност на социјалните мрежи, иако ви доаѓа да го споделите секој можен момент за да докажете (повеќе на себе, отколку на другите) дека сте продолжиле со животот.
Што да направите со нивните пријатели и семејството?
Доколку тоа ви биле заеднички пријатели пред да започне врската, не преземајте никакви акции. Истото важи и доколку сте се познавале со роднина на партнерот пред врската.
Но, кога се во прашање оние кои ги знаете благодарение на него, тогаш бидете сигурни дека нивните симпатии се насочени кон вашиот поранешен партнер и дека кога-тогаш ќе дојде до бришење од листите на пријатели и следбеници.
Вистина е, раскинувањето во дигиталната ера може да биде вистински предизвик, а на вас е да одберете она што мислите дека најдобро ќе ви помогне да ја надминете ситуацијата, без да си ставате „сол на рана“ гледајќи ја активноста на социјалните мрежи на поранешниот партнер.
Е. Д. | Црнобело