Луѓето во брак се позадоволни од животот за разлика од оние што се сингл
Тие имаат кому да се пожалат по напорниот работен ден и кого да замолат за масажа кога ги боли грбот...
Тие иако живеат заедно не се срамат да покажат емоции на социјалните мрежи, отворено кажуваат дека еден без друг не можат да си го замислат животот и знаат да ве фатат за рамото и утешно да ви кажат и ти ќе ја пронајдеш твојата втора половина... Познавате ли некој ваков брачен пар?
Овој романтичен театар можеби понекогаш ви оди нерви, но дали сте знаеле дека науката потврди дека тие не ги глумат насмевките, туку навистина се среќни и водат позадоволувачки живот од сингл луѓето?
Истражувањето објавено во магазинот Journal of Happiness Studies спроведено на податоци од разни извори за преку 328.000 луѓе покажа дека луѓето во брак се посреќни од самците, дури и кога ќе им мине онаа почетна фаза на меден месец.
И по десетици години во брак, тие се позадоволни и истражувачите сметаат дека тоа се должи на фактот што во вашиот партнер имате најдобар пријател за цел живот. Дури и да не ви цветаат рози апсолутно во секој миг од бракот, вие го имате него како своја постојана поддршка во текот на животот.
Најголемата разлика во нивото на среќа се чувствува во средните години. Иако во бракот тогаш страста еден за друг е опадната, а понекогаш има дури и афери, сепак во овие години сингл луѓето чувствуваат многу поголемо незадоволство поради притисокот од општеството како сè уште не стапиле во брак и не се изреализирале во улогата на родители.
Од друга страна пак, некои други истражувања тврдат дека сингл луѓето водат поисполнет живот затоа што повеќе време посветуваат на професијата, па постигнуваат поголеми успеси и си ги обезбедуваат материјалните добра и патувањата што ги посакуваат. Така што на крајот сè се сведува на тоа дека сè е субјективно и не постојат универзални правила за среќа.
С. С. | Црнобело