Фејсбук ѕвезди, протагонисти во сапуница: Вљубени парови кои ни одат на нерви
Ако постои топ листа на најиритантни романтични двојки, овие љубовни тандеми ќе се котираат највисоко на листата. И, не - не е љубомора на другите во прашање.
Љубовта е прекрасна, но постојат двојки кои ја претвараат во измачување, барем на повеќето луѓе што се наоѓаат во нивно опкружување.
„Дај нека раскинат веќе!“ е потајната желба на многумина, а превртувањето очи, пак, најблагата реакција што ја изнудуваат со своите постапки. Кои се тие?
Петте типови на вљубени парови кои реално ни одат на нерви се:
Зависници од контакт
Разговарале пред пет минути, во моментот си праќаат гласовни пораки, а за неколку секунди веројатно одново ќе се чујат, затоа што сите треба да слушнат колку тие меѓусебно си недостасуваат. Заљубеноста е преубава појава, но ова е само психоза.
Врзани со папочна врвка
Таа не знае каква тоалетна хартија да одбере, па мора да му се јави нему. Тој не знае што му се јаде, затоа ќе ја праша нејзе. Обајцата мислат дека се непотполни без својата подобра половина, а донесувањето одлуки не доаѓа ни предвид ако и другата страна не се сложи со изборот.
Фејсбук ѕвезди
Тие едноставно не смеат да си дозволат некој да помисли дека не се највљубениот пар на планетата. Затоа, без прекин ќе ја рекламираат својата врска на социјалните мрежи. Во виртуелниот свет изгледаат навистина среќно и хармонично. Меѓутоа, во реалноста се толку отуѓени, што речиси и да не зборуваат помеѓу себе.
Цимери
Сексуалниот живот им е непостоечки, а сѐ повеќе наликуваат еден на друг, затоа што предолго време се заедно. Во врска се исклучиво бидејќи навикнале да бидат во заедница, се расправаат како брат и сестра, а често им го загорчуваат животот на сите околу себе.
Протагонисти во сапуница
Постојат и љубовни двојки кои си режираат теленовела во сопствена продукција. За нив, баш секој миг е драматургија – од најмалите ситници до многу покрупните животни прашања. Сѐ им е драма, сѐ им е кавга, а врската им е зависна од публиката, па везден ѝ сервираат нови епизоди. Но, за жал, публиката воопшто не е заинтересирана за заплетите во нивната сапунска опера.
М. А. | Црнобело