Како врската со вашите родители влијае врз вашиот љубовен живот?
Веќе сите знаеме дека нашите родители влијаат врз начинот на кој се однесуваме во нашите љубовни врски. Многу од нас го прифаќаат популарниот совет дека треба само да погледнете како вашето момче се однесува со неговата мајка и дека тој така ќе се однесува и во вашиот брак.
Но, ако навистина сакате да разберете како врската со вашите родители ќе влијае на вашиот живот, потребно е да разберете дека начинот на кој се однесувавме со нашите родители и колку бевме блиски со нив како деца влијае нашиот иден романтичен живот.
Теоријата на приврзаност објаснува како нашите први врски со лицето кое не одгледува како деца, најчесто родителот, ни поставува очекувања за тоа како ќе ја искусуваме љубовта во иднина. Според оваа теорија, секој од нас има посебен стил на приврзаност со родителите. Тој стил на приврзаност се обликува првите години од нашиот живот и подоцна ќе влијае врз начинот на кој се однесуваме со нашиот љубовен партнер.
Нашиот стил на приврзаност влијае врз работи како:
• Љубомора
• Не покажување чувства
• Конфликти
• Простување
• Љубов
• Обврзаност
• Лажење
• Неверство
• Секс
Стилот на приврзаност исто така игра клучна улога и во начинот на кој комуницираме со партнерот и реагираме на него, особено при решавање на конфликти. Потребно е да го разберете вашиот стил на приврзаност за да имате увид во вашите силни и слаби страни во вашата врска.
Ова се четирите стилови на приврзаност:
Сигурна приврзаност
Децата кои имаат сигурна приврзаност во себе имаат “инсталирано” чувства на доверба и сигурност кога станува збор за врски. Тие го доживуваат нивниот родител како сигурна база од каде што можат да земат помош и љубов додека тие независно го истражуваат светот.
Овие деца подоцна во животот имаат слична врска и со своите партнери, се чувствуваат поврзано со нив додека си дозволуваат самите на себе и на својот партнер да се движат слободно. Овие деца многу често се задоволни од својата врска.
Сакаат интимни врски и способни се да ги изразат своите чувства со пријателите и партнерот. Удобно им е да побараат помош од партнерот кога се чувствуваат ранливо или повредено и исто така се спремни да дадат помош кога партнерот ќе побара од нив. Нивните врски се искрени, отворени и еднакви.
Двајцата партнери имаат свој посебен идентитет, а сепак се способни да сакаат многу.
Несигурна и анксиозна приврзаност
Луѓето кои се несигурни и анксиозни во врските, обично израснале во семејства кои биле неконзистентни или премногу заштитнички настроени. Овие индивидуи научиле дека ако сакаат нивните потреби да бидат задоволени, секогаш требало да бидат во близина на нивниот родител и да останат фокусирани на него.
Овие деца кога ќе влезат во љубовна врска подоцна во животот можат да станат опседнати со партнерот. Тие секогаш се загрижени за состојбата на нивната врска. Потребно им е многу внимание и одобрување на нивните постапки, но не запираат ни кога ќе го добијат.
Немаат трпение да дозволат врската да оди полека, туку мораат веднаш да знаат на што се и да уживаат во прекумерно внимание. Тие имаат огромна потреба да комуницираат со партнерот цело време преку повици и пораки со цел да имаат контрола врз нивната анксиозност.
Колку повеќе нивниот партнер не успева да им ги исполни тие барања, тие стануваат почувствителни и посесивни со што на крај може само да го избркаат партнерот.
Несигурна и избегнувачка приврзаност
Кога овие луѓе биле деца, нивните потреби многу често биле игнорирани, така што тие научиле начин како да ја намалат природната потреба и желба да побараат помош кога чувствуваат болка, кога се исплашени или под стрес.
Како возрасни во романтична врска, многу е веројатно овие луѓе да се повлечат од врската, дури и ако врската им оди добро. Тие сакаат да поминуваат време со партнерот, меѓутоа ако за прекратко време врската стане многу блиска и интимна тие ќе се повлечат.
Тие се адаптирани на тоа да се дисконектираат од нивните емотивни потреби затоа што се научиле да го живеат животот на тој начин уште кога биле деца. Тие може да не ви креваат на телефон или да не сакаат да ги изразат своите чувства.
Не се чувствуваат сигурно кога луѓето ќе влезат во нивната комфорна зона и не сакаат да бидат зависни од партнерот или партнерот да зависи од нив на било кој начин. Преферираат да го посветат своето време на нивните кариери, некое хоби или активности многу повеќе отколку на врски.
Иако однадвор изгледаат како независни и самозаљубени, тие всушност во себе кријат огромен страв од одбивање и напуштање. Тие не само што не се чувствуваат удобно во интимни врски, туку се плашат да бидат во врска.
Несигурна и неорганизирана приврзаност
Овие личности покажуваат анксиозни и негативни тенденции на нелогичен начин. Тие покажуваат нејасни знаци и емоции во врската. Во исто време, бараат и блискост и далечина од партнерот.
Ова однесување е резултат на ситуации во детството во кои родителот им се заканувал или пак бил насилен. Замислете како би биле личноста од која се плашите најмногу да ви биде единствен извор на сигурност.
Ова е дилемата која ја имаат децата кои растеле во вакви семејства секој ден.
А. В. | Црнобело