4 најчести брачни проблеми и решение за секој од нив
Независно од љубовта што партнерите ја чувствуваат еден кон друг, ниту еден брак не е имун на проблемите кои произлегуваат од секојдневниот живот во двојка. Прашањето е како да ги надминете брачните проблеми, осигурувајќи ја стабилноста, хармонијата, но и иднината на вашата врска.
Во продолжение, ви ги откриваме четирите најчести проблеми во бракот, како и решението на секој од нив:
1. Oзборување на сопругот
Кога и покрај вашите секојдневни молби, ни после три недели сопругот не се осмелува да ја смени гумичката на славината што капе, или, пак, кога свекрвата ќе ви упати забелешка дека синот лошо ѝ изгледа, бидејќи многу работи, вие веднаш трчате кај најдобрата пријателка да ѝ се пожалите.
Во што е проблемот?
Секому му е потребен, па дури и неопходен одреден вентил. Но, некогаш, премногу лошите муабети може да создадат негативна енергија. Запрашајте се дали сакате сите луѓе да знаат како стојат работите во вашиот брак.
Наместо да офкате и лелекате, пренасочете ја енергијата на она во што вистински уживате. Кога им се жалите на другите, изгледате како беспомошна жртва, а сте сакале ли навистина тоа да го постигнете?!
Патем, избегнувајте го вовлекувањето на децата во вашите проблеми и немојте да барате од нив да застанат на нечија страна.
Што да преземете?
Вратете си ја приватноста во својот брак и избегнувајте да го споделувате секој детаљ со пријателката. Доколку вашите другарки почнат да се жалат од нивните мажи, бидете сочувствителни, но немојте да нафрлате свои анегдоти – освен ако не се во убаво светло.
Воедно, на семејните собири први иницирајте сите да се фалат меѓусебно, наместо да си упатувате жалби и поплаки едни на други.
2. Непокажување на вистинските чувства
Тој воздивнува и превртува со очите секојпат кога негде доцните, бидејќи вам ви е потребно повеќе време да се средите. Вие, пак, кревате раменици и велите: „Важи, како ти ќе кажеш...“, дури и за работите кои не ви е мерак да ги правите, само за да избегнете да се спротивставите.
Во што е проблемот?
Подеднакво лошо е и кога им се жалите на другите, ама и кога патите во себе. Ништо не добивате со тоа што глумите маченичка, криејќи ги вистинските чувства, бидејќи може да се случи околу себе да создадете ѕид, кој е тешко да се сруши.
Што да преземете?
Решението е едноставно – кажете како се чувствувате. Некогаш партнерот не говори за проблемот, затоа што се плаши дека ништо нема да се промени, што самото по себе е проблем.
Потрудете се да кажете што не ви се допаѓа, но изберете го вистинскиот момент, кога обајцата сте опуштени и отворени за разговор. Притоа, секогаш презентирајте ја ситуацијата како сложувалка, којашто треба двајцата да ја решите заедно.
На пример: „Бидејќи мене ми треба повеќе време да се спремам, дали би ти пречело да ми помогнеш, така што ќе го средиш купатилото откако ќе се истушираш?“
3. Борба околу (не)потребни работи
Тој постојано се жали на купот женски списанија што стојат на полиците за книги или на масата, сметајќи дека е непотребен и дека сето тоа треба да се фрли. Од друга страна, вие постојано прашувате дали навистина е неопходно да имате толку многу технолошки уреди, на кои често и не им ја знаете реалната намена.
Во што е проблемот?
Мошне често, „буричкањето“ по работите на партнерот всушност е начин да се каже: „Не ми се допаѓа тоа кај тебе, па би требало да го промениш што поскоро!“. Меѓутоа, не е фер да барате некој да се одрече од неговото хоби или пасија, а да живее според вашите очекувања.
Луѓето имаат свои навики – некои ги сакате, некои не, но едноставно тие се составен дел од животот во двојка.
Што да преземете?
Понекогаш, прашањето за (не)потребните работи е особено важно за еден од партнерите, па во тој случај, другата личност едноставно мора да го прифати како досадно делче од големата авантура наречена брак.
Меѓутоа, доколку постојано се препирате околу небитни ситници, дали нешто ви е важно, дали предметот треба да го фрлите или не, тогаш потрудете се заедно да одлучите и направите список на работите кои се навистина непотребни.
4. Преголема дистанца
Презафатени сте со својата работа, децата и личните интереси, што некогаш речиси и да не зборувате со денови. А, во кревет? Исклучиво спиете, бидејќи немате сила за ништо друго...
Во што е проблемот?
Кога немате време за квалитетно да се дружите со партнерот, постои опасност вашиот брак да стане премногу опуштен. Уште полошо е кога сметате дека веќе не треба да „работите“ на вашата врска. Доколку тоа предолго трае, може да се случи еден ден да се разбудите, прашувајќи се дали вие воопшто сте во брак.
На отуѓеноста, луѓето често реагираат со повлекување во себе, па нештата само може да влошат.
Што да преземете?
Обидете се да се ослободите од сите оние работи кои ви го одвлекуваат вниманието и ве спречуваат одново да се зближите. Доколку секоја вечер ја поминувате покрај телевизорот, не проговорувајќи ниту збор, исклучете го барем на половина час.
Поразговарајте или решавајте крстозбори заедно. Правете што и да сакате, ама заедно! Ако има премногу празно место во вашиот кревет, потрудете се повторно да ја разгорите страста. Договорете време за секс доколку сте навистина презафатени, затоа што не заборавајте дека интимноста ја прави вашата врска појака.
М. А. | Црнобело