Пијаната порака, вечна љубов: 10 типови на пораки кои може да ги добиете по раскинувањето
Раскинувањата се скоро секогаш болни и непријатни. Не постои такво нешто како компромисно или добро раскинување. Но, некои окончувањето на љубовната врска го поднесуваат многу подобро отколку други.
Вториве никако не можат да сфатат дека крајот веќе дошол и време е да се сврти нова страница во животот.
Веројатно сите во животот сте добиле (или ќе добиете) некоја од следниве пораки по раскинувањето, без разлика дали ќе ја примите на Фејсбук, Инстаграм или како смс порака:
Пијаната порака
Не попусто се рекло – ако планираш да пиеш остави го телефонот дома или дај го на некој друг за да не дојдеш во искушение да напишеш порака на поранешната љубов.
Од прилика оди вака: Srrrrrrcc, mislis NaMen? Me zaborav sigrno, ako iti ke patissss
Пораката која има намера да ве направи љубоморни
„Еј, те чекам гол/а веќе 20 минути, доаѓаш?“... и после неполна минута: „Упс, извини, грешка беше, не за тебе“.
Секако дека не е грешка. И секако дека е за тебе. И секако дека е детинесто и крајно проѕирно.
Порака која очајно моли
Реферати и реферати, емотикони и главно солзи. Не можете да се изначитате колку сте му важни, како сте центар на универзумот, сонце и месечина... не сте ја дочитале до крајот, а веќе ви се смачи. И ви се приспа истовремено од пораката.
Самоубиствената порака
„Ако не се смириме, ќе се убијам и ти ќе бидеш виновна!“
Па ако тоа ти е судено, бујрум, оди и убиј се. Ја читате и не можете да си поверувате како сте изгубиле толку многу време со таков нестабилен човек.
Лутата порака
Полна е со навреди, пцости, погрдни зборови. Од прилика објаснува дека вие сте виновни за сета несреќа во неговиот живот, ве колне и преколнува и се моли никогаш да не најдете среќа без него. Ако сте доволно лековерни и поверувате во овие глупости, многу веројатно е дека и нема да пронајдете среќа.
Другарска порака
Полна е со оптимизам, надеж, пријатна и културна порака. „Жал ми е што завршивме така, но не гледам причина да не останеме другари“.
Големи сте, проценете дали треба и вреди ли да се одржуваат пријателски односи со поранешниот дечко.
Пораката со вечна љубов
„Сè уште те сакам“. Кратко, јасно и концизно и треба да сте навистина од камен за да не ве допре оваа порака. Освен ако поранешниот бил најголемо ѓубре, тогаш се подразбира дека не треба да ви значи ама баш ништо.
Пораки кои стигнуваат како „на норма“
Уште не сте ја прочитале првата, а веќе добивате втора, трета, десетта... заморно е, напнато и сè некако испомешано.
Баби и жаби, во една порака му недостигате, во втората ви посакува сè најубаво, во третата прашува дали се гледате со некој, во десеттата сте најголемата кучка која ја запознал во животот. Нешто како комбинација од претходно споменатите пораки.
Манијакалната порака
„Многу убаво ти стои таа жолта блузичка“. Се вртите, а нема ниту трага ниту глас од типот. Поим немате од каде ве набљудува и почнува да ве фаќа паника.
„Еј, денес ќе славевме 1 година и 10 месеци ако бевме уште заедно“. Ок е дечко, навистина, ок е. Има помош и за таквите како тебе.
Пораката што ја добивате една година по раскинувањето
Што и да пишува во пораката, ако ја добиете после една година од раскинувањето е прилично чукнато.
Можеби му е досадно, можеби сака само секс, можеби е пијан... илјада можеби, ама дефинитивно не ви треба одговор. Помина една година, секој нека си пронајде мало нешто што се нарекува ЖИВОТ.
(O)Милена | Црнобело