Негативните последици од бегањето од сингл статусот
Кога последен пат бевте сингл на подолг период? Поради некоја причина, цело време скокате од врска во врска, веројатно без пауза во меѓувреме. Вие веќе имате резерва кога знаете дека сегашната врска се ближи кон крај.
Можеби сето ова ви изгледа како идеален план, но фактот е дека сериските моногамисти ги користат врските за да се справат со некои подлабоки проблеми.
Ако упорно си го одвлекувате вниманието со нови врски, никогаш нема да дознаете зошто всушност толку се плашите да бидете сами.
Се чувствувате ли дека сте зависни од врски? Еве неколку проблеми кои произлегуваат од бегањето од сингл животот:
Не знаете што ве прави среќни
Сигурно, кога некој нè сака тоа нè прави среќни, но многу е важно да знаете што ве прави среќни надвор од времето поминато со вашиот партнер.
Кога сте во врска можете да изгубите интерес во работите кои вас ве прават среќни, затоа што вашите интереси се спојуваат со тие на вашиот партнер. За да имате исполнет живот морате да имате сопствени страсти, а ако цело време сте во врска никогаш нема да откриете кои се тие страсти и вашата среќа ќе зависи единствено од вашиот партнер. Сериската моногамија е еден вид на зависност, а љубовта е дрогата која ја користите за да ја пополните празнината.
Времето сами за себе треба да го сметате како подарок од животот и да го искористите за да привлечете здрави врски кои имаат иднина. Оставете си време за самите себе и исполнете ја празнината со други работи пред да се впуштите во врска и да очекувате од друга личност дека ќе го направи тоа за вас.
За да си бидете доволни самите на себе, треба да сте свесни кои се вашите желби и потреби и да си поставите цел да ги исполните. На крај тоа ќе ве направи поквалитетни и попривлечни кога ќе дојде време за нов партнер.
Не размислувате за грешките од минатото
Периодот кога врската завршува е период во кој имате можност да размислите и од дистанца, искрено да видите каде сте згрешиле.
Многу е важно да бидете сингл одреден период за да станете свесни за тоа што било во ред, што не, што треба да има вашиот иден партнер и слично. Кога ќе си одговорите самите на овие прашања, ќе почнете да донесувате поздрави и свесни одлуки без да избрзувате.
Сериските моногамисти се толку исплашени да бидат сами, што завршуваат во врска со луѓе кои се навистина погрешни за нив. Ако сте сингл одреден период, ќе добиете јасна слика за тоа кои се вашите нездрави навики и во иднина ќе пробате да бидете подобра личност. Со ова и врските кои ќе ги имате во иднина ќе бидат поуспешни.
Не си давате време да жалите
Не бегајте од периодот кој ви е навистина потребен. Поминете низ сите фази на жалење, збунетост, бес, тага и сите емоции кои би требало да ги имате после раскинување.
Ова време за лечење е навистина важно. Ако бегате од овие емоции сега, најверојатно ќе ги исфрлите во наредната врска и ќе си направите проблеми. Прво морате да се испразните од негативните емоции за да направите место за нови и позитивно емоции.
Тоа е ден вид на духовно чистење. Си го должите самите на себеси и на вашиот следен партнер.
А. В. | Црнобело