4 нешта кои ќе направат вашиот партнер да се чувствува сакано
Животот знае да биде брз и стресен, па покрај сите обврски некогаш забораваме да му се посветиме на нашиот партнер и да му покажеме колку всушност тој ни значи.
Не дозволувајте и на рутината да ја преземе работата во свои раце и вашата врска со партнерот да се сведе на едни исти навики.
Во продолжение прочитајте неколку едноставни начини како да направите вашиот партнер да се чувствува сакан секој ден.
Гушкање, насмевки и бакнежи
Смеењето само по себе претставува здрава навика, која докажано го редуцира стресот и ја зголемува продуктивноста. Смеењето е заразно, па зошто тогаш да не се смеете со партнерот секој ден?
За да ја одржите блискоста и страстта со партнерот потребно е секојдневно да разменувате бакнежи и да поминувате барем неколку минути во текот на денот во неговата прегратка. На тој начин му покажувате на вашиот партнер дека е сакан и дека ви е потребен. Ваквата навика е навистина здрава за вашата врска и ќе ја одржува топлината во меѓусебниот однос долги години.
Давајте комплименти
Да бидеме реални, секој сака комплименти. Без разлика дали ќе и кажете на девојката дека убаво и прилега новиот кармин или му кажете на момчето дека одлично изгледа во сината кошула, комплимент си е комплимент.
Но, некогаш комплиментите можат да бидат искажани во „ти благодарам“ конотација. Многу значи кога некој знае дека сте го забележале и го вреднувате она што го направил, на пример: „Ти благодарам што се грижеше за децата цел ден, навистина те сакам“. Овие зборови се магични и навистина знаат да го стоплат срцето на оние кои премногу ви значат.
Поминувајте време заедно
Додека готвите, чистите, играте некоја или одите на некој настан, сите овие прилики можете да ги искористите за да се поврзете со партнерот на различно ниво. Во овие моменти споделете информации за тоа како ви поминал денот.
Доколку имате деца и премногу обврски околу нив, тоа не значи дека треба да ја запоставите взаемната комуникација со партнерот. Откако децата ќе заспијат одвојте еден час за да си се посветите еден на друг.
Охрабрувајте го партнерот да ги постигне зададените цели
Сите ние имаме соништа и се насочуваме кон нивно остварување. Без разлика колку добро и да се движи планот за нивно реализирање, постојат денови кога едноставно ви доаѓа да се откажете. Поддршката од партнерот е нешто што е најпотребно во такви моменти. Дури и само една порака „Те сакам“ без многу филозофирања може да ве поттикне и да ви го врати еланот и одново да ве измотивира.
Најважно, никогаш не се штедете на зборови и емоции кога партнерот има потреба од вас, на тој начин постојано ќе одржувате врската на едно високо ниво.
С. У. | Црнобело