Твојот скромен подарок кога немаше пари да ми купиш нешто поголемо е сè уште мојот најомилен

Темна ноќ, зјапам низ прозорецот и полека го лепам носот на стаклото голтајќи го пејзажот со погледот. Снег, тоа е првиот снег зимава. Му се радувам како мало дете, без оглед на тоа што сум веќе на факултет. Ми стигнува порака, ми пишуваш дека си пред вратата и ме замолуваш да излезам на кратко.

Tvojot-skromen-podarok-koga-nemase-pari-da-mi-kupis-nesto-pogolemo-e-se-uste-mojot-najomilen-01.jpg

Ми паѓа на памет дека си го видел снегот и си дотрчал, сакаш да правиме снешко или да прошетаме додека снегулките ни паѓаат врз лицата.

Ме дочекува твојот благ, но загрижен лик. Го чувствувам твојот умор, напластен во коските, исцртан на лицето. Знам дека беше на работа втора смена, веднаш после предавањата на факултет.

Претпоставувам дека сè што сакаш е да си легнеш и да одмориш како човек, па се прашувам зошто си дошол по снегот и ладното до мојот праг. Ми ги читаш мислите и пред да го изустам прашањето ми подаваш едно мало пакетче завиткано со тенка зелена панделка.

„Твојот новогодишен подарок“, срамежливо проговоруваш, а она што следува потоа ми го распарчува срцето. „Извини што не можев да ти купам ништо повеќе“.

Бран црвенило ти го прелева убавото лице, но се вадиш на студенилото. Додека нервозно брбориш, полека ја одвиткувам панделката и хартијата. А таму се крие малечка стаклена топка наполнета со вода и снег и поларно мече.

Ме обзема неверојатна нежност и топлина ми се шири низ срцето и душата. И покрај сите твои обврски и животот кој нималку не те гали, ниту ти прогледува низ прсти, си нашол време да ми купиш подарок и грижливо да го завиткаш.

Додека силно те гушкам, сакам моментот да трае засекогаш или барем да имам фотографија сликана од страна, за да го имам тој миг пред моите очи, дури и кога спомените ќе ме изневерат и полека ќе почнат да ме напуштаат.

Многу години подоцна, повторно е зима и по некоја ненамерност повторно паѓа снег, додека со малечката се лепиме на прозорецот ловејќи снегулки со јазикот.

Време е да ја накитиме елката. Полека и внимателно ги местиме лампионите. На крајот, веднаш под елката ја ставам мојата мала стаклена топка.

Ќеркичката ме прашува од каде ми е, а јас ѝ кажувам дека ми е подарок од татко ѝ. Таа трепка со големите очи и ми вели – Го сакаш ли?, а јас одвај се воздржувам да не заплачам додека одговарам – Најмногу.

Тогаш ти се приближуваш и полека ме гушкаш од позади, додека ме бакнуваш по косата.

Кога конечно го добивме тоа парче среќа кое го заслуживме и не мораме толку да се грижиме како кога бевме млади, ми купи грст подароци. Низ годините тие стануваа повредни и поголеми, но мојата мала стаклена топка со снег и поларно мече ми остана најомилениот подарок.

Тоа е споменот од една младост и љубов за која знаев дека е вистинската. 

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Бремена сум, а партнерот има афера со колешка, како треба да постапам?“ „Го сакам мојот партнер и сум во шестиот месец од бременоста и би сакала нашето ...
Предупредувачки знаци дека се соочувате со криза во бракот, низ илустрации Останувате заедно само поради децата и тешко ви е да се присетите на убавите мом...
Навики со кои несвесно си ја уништувате врската, низ илустрации Го критикувате партнерот за секоја ситница и си давате слобода да одлучувате за ...
Низ илустрации: Како да ја одржите хармонијата во бракот, според адвокати за разводи? Никогаш не ги игнорирајте малите проблеми и секој ден поминувајте барем 20 минут...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg