Љубовта треба да го гради твојот идентитет, не да го уништува
Во 1967-та година, Џон Ленон напиша песна позната како „Сè што ви треба е љубов“, а од друга страна пак, познато е дека бил насилен со своите сопруги и ги напуштил своите деца.
35 години подоцна, Трент Резнор од групата „Nine InchNails“ напиша песна позната како „Љубовта не е доволна“. Резнор и покрај шокантните настапи на сцената, ужасните и вознемирувачки видеа, злоупотребата на дрога и алкохол, се венчаше само за една жена, со неа има 2 деца и во еден момент ги откажа сите турнеи и албуми само за да биде со своето семејство, да биде добар татко и сопруг.
Многумина од нас ја идеализираат љубовта. На неа гледаме како на лесен и брз лек кој треба да не ослободи од сите проблеми во животот. Дури и филмовите и песните ја слават оваа најважна цел во животот која многумина веруваат дека е решение за сета болка и сите мачни искуства во животот.
Кога веруваме дека „сè што ни е потребно е љубов“ како Ленон, често ги игнорираме другите фундаментални вредности како што се почитта, понизноста и посветеноста кон личностите кои ни значат.
А, од друга страна, ако сме како Резнор и веруваме дека „љубовта не е доволна“ тогаш имаме шанса да разбереме дека здравите врски бараат многу повеќе од емоции и минливи страсти. Тогаш сфаќаме дека има далеку поважни работи во животот од тоа само едноставно да бидете вљубени. Тогаш врските се потпираат на подлабоки и поважни вредности.
Проблемот со идеализирањето на љубовта е тоа што креира нереални очекувања за тоа што навистина може да направи за нас љубовта. Токму овие нереални сфаќања и очекувања можат да ја саботираат и потенцијално најсилната врска.
Да се соочиме со 3-те најважни и сурови вистини за љубовта:
1. Љубовта не можете да ја изедначите со компатибилноста
Само затоа што сте се вљубиле во одредена личност, тоа не значи дека истата таа личност може да биде добар партнер за вас на долгорочен план. Љубовта е емоционален процес, а компатибилноста е логички процес. И двете не се комбинираат и мешаат добро.
Како некомпатибилноста се одразува? Можно е да се вљубиме во:
- Личност која не нè третира добро
- Која прави да се чувствуваме лошо
- Која не нè почитува подеднакво како што ја почитуваме неа
- Која живее толку самодеструктивен живот што не влече во бездната и нас самите
- Која има разни амбиции кои се спротивни на оние нашите
- Која има различни ставови и вредности кои се сосема спротивни на нашите
- Која едноставно не нè прави среќни
Така започнуваат многу катастрофални врски. Две личности влегуваат во врска на основа на емоциите и искрите кои ги почувствувале, а потоа кога доаѓа горчливиот прекин на врската се чудат каде работите започнале да се движат во погрешна насока. Реалноста е дека сè било погрешно уште на самиот почеток, пред да решат да влезат во врска.
Суровата вистина е што секогаш кога се одлучуваме за врска мораме да го вклучиме и умот, не само емоциите.
2. Љубовта не ги решава проблемите во врската
Велат љубовта може сè да надмине, нели?
Реалноста не е таква. Љубовта прави да се чувствувате подобро, ама не ги решава проблемите напротив, само ги прикрива. Како лек кој ги лечи последиците, а не причините.
Бурата од емоции може да не „затруе“ привремено, но ако не постои стабилна основа, проблемите сами нема да се решат.
3. Љубовта не вреди секогаш за да се жртвувате себеси
Една од најважните работи и карактеристики на љубовта е тоа што кога ќе ја почувствувате, престанувате да мислите само на сопствените потреби и желби, туку почнувате да се грижите и за друга личност.
Но, прашањето кое мора да си го поставите, наспроти неодоливата потреба да дадете сè од себе, целата ваша душа, е дали вреди да се жртвувате?
Во здравите врски нормално е повремено да ги жртвувате личните потреби на сметка на туѓите, но тоа не значи дека треба да ги жртвувате и самопочитта, достоинството, амбициите, животните цели и вашето тело.
Вистинската љубов треба да го гради вашиот идентитет, а не да го уништува.
Н. Г. | Црнобело