Го сакам, ама не сум среќна: Зошто остануваме со луѓе кои нè повредуваат?
Веројатно многупати досега ви се случило да се запрашате зошто воопшто имаме лоши врски. Една причина за тоа можат да бидат цврстите уверувања, на пример, некој е добар и внимателен, па и покрај тоа што не сме среќни, вреди да продолжиме да се обидуваме.
Сигурно барем еднаш во животот сте се нашле во ситуација да ѝ објаснувате на некоја пријателка дека се заљубила во погрешен маж и дека под итно треба да го остави.
Сте ја слушале нејзината приказна, сте ги бришеле нејзините солзи и сте се чуделе како воопшто можела да се заљуби во некој кој не ја цени, кој ја занемарува, ја малтретира и искористува.
Таквите (анти)љубовни приказни се чести. Дури и почести од оние убавите љубовни приказни во кои партнерите се сакаат, почитуваат, односот расте, а тие меѓусебно се надополнуваат.
Во што е проблемот? Зошто се случува тоа? Зошто заљубеноста е толку слепа?
Во заљубеноста има нешто религиозно. Постојат одредени „догми“, односно уверувања од кои не се откажуваме.
Најчесто веруваме, дека без разлика на фактите, нашиот партнер некаде длабоко во себе е добар, внимателен и нежен.
Или веруваме дека лошиот партнер на крајот ќе се промени и ќе сфати колку сме добри, внимателни и нежни...
Целта на таквото „религиозно“ размислување е секако замислата за рајот. А, во реалноста се случува токму спротивното, емоционален пекол.
Целиот процес е потсвесен, бидејќи реално, никој упорно не би продолжувал со лош однос и повремени одблесоци на заљубеност во кој размерот на мачни и прекрасни чувства е 80:20.
Но, во фантазијата сè е возможно. Доволно е да ги затворите очите и да одлутате. Фантазиите ќе го направат него добар, внимателен и нежен, тој кој ве повредил, но верувате дека ќе сфати како многу подобро ќе се чувствува ако се препушти на љубовта.
Така и на себе и вас ќе ви го разубави животот...
Тоа „плакнење“ на очите со бесцелни фантазии е крајно нефункционално, бидејќи води до уште поголеми повреди и емотивни рани, но од некоја причина продолжувате со фантазиите.
Не знаејќи зошто, едноставно во еден момент се наоѓате таму некаде, во љубовната идеја која е многу поубава од стварноста.
Равенката на кој се темели целиот процес е многу едноставна. Гласи: повреда + фантазија = заљубеност.
Па, кога „погрешниот маж“ ќе ве повреди, наместо да чувствувате лутина или тага, почнува да се буди фантазијата која повредата ја замотува во шарен убав целофан кој се нарекува заљубеност.
За жал, таквиот круг може да трае и со години. Можеби и препознавате некоја таква жена која упорно својот сопруг алкохоличар го опишува како: „не е таков, всушност е многу добра личност. Само треба да помине...“.
Фантазијата која го разубавува целиот процес наликува на лотос кој извира од калта, а на површината од водата се претвора во прекрасен цвет.
Секако, цветот го делите со другата личност, а калта останува скриена. Мора да остане скриена.
Токму во тоа криење е проблемот. Кога не сакате да ја видите целата слика и подготвени сте да се помирите со сè, да не признаете дека тоа не е љубов туку само болка.
Болката е тешка, но ако тоа е цената која треба да ја платите за отворање на очите и напуштање на лошиот однос кој ја носи болката, секако дека се исплати.
Нели?
Н. Г. | Црнобело