Предај ми се!
Затвори ги очите и замисли желба. Желба која долго ја посакуваш, нештото за кое сонуваш. Јас ќе бидам тука за да ти помогнам да ја оствариш. Со сигурност ти тврдам дека ќе ја реализираме. Јас и ти сме ние. Ние сме силни. Ние знаеме кон каде одиме и зошто посакуваме баш одредена дестинација.
Препушти се на моите раце. Би те водела до крајот на светот за да ти покажам колку многу облици може да има љубовта, колку нијанси може да има радоста.
Дозволи да те гушнам. Прегратките се лек за твојата ранета душа. Остави ме да те покажам дека баш мојата прегратка тебе најубаво ти стои.
Дај да те бакнам! Не сакам срамежливи, украдени бакнежи. Сакам да те бакнувам со денови и ноќи.
Ајде, планирај заедно со мене. Можеби немам трикови и магични ламби, ама знам плановите да ги направам реалност. Ајде заедно да правиме реалност!
Предај ми се, биди мој!
Затоа што те сакам со години. Затоа што ти си човекот покрај кој сакам да се будам секое утро, човекот со кого и обичните работи стануваат необични.
Предај ми се, биди љубов!
Затоа што љубовта е толку моќна, волшебна, неповторлива. Затоа што љубовта е единственото нешто на светот што те прави подобар.
Предај ми се, ние сме си судени еден на друг. И еден за друг. За цел живот, еден покрај друг.
М. К. | Црнобело