Посакувам да му кажев „Не“ дента кога ме запроси
Отсекогаш бев една од оние девојки кои не веруваат во брак. На него гледав како на нешто непотребно и застарено, па како личност која ја цени својата независност, замислата дека треба да се посветам на некоја друга личност до крајот на мојот живот не се совпаѓаше со моите верувања.
Не сакав да бидам „нечија сопруга“, ниту пак ми се допаѓаше идејата да „имам сопруг“. За мене овие етикети посочуваа на сопственост.
Но, една вечер се случи на Монмартр јас да бидам опиена од љубовта, а мојот сопруг долу на едно колено. Тоа се случи по само 5 месеци врска. И покрај тоа како се чувствував околу замислата „додека смртта не нè раздели“ бев подготвена да кажам „Да“.
Добро ги знаеше моите грижи, а и самиот тој дотогаш тврдеше дека по неговиот прв неуспешен брак, никогаш повеќе нема да се одлучи за тој пат. Но, некако, по многу краток период силно се поврзавме. Сакавме да докажеме дека сме способни за љубов и покрај животните потешкотии на кои дотогаш имавме наидено.
Како што го ставаше прстенот на мојата рака, знаев дека потпишувам пакт со ѓаволот. Тој е декада постар од мене, има две деца и поранешна сопруга. Нашето време беше поделено меѓу Њујорк и Париз, па бев сигурна дека ќе можам да ја издржам тежината на задачата.
Она што ми беше непознато во равенката беше колкава е таа тежина со која ќе треба да се соочам. Јас родена Њујорчанка која пишува статии за секс и која нема влакна на јазикот, а тој роден Парижанец и срамежлив музичар. Си реков – без проблем ќе ги надминеме разликите.
Но, по само неколку недели од запросувањето започнав да се сомневам во сопствената одлука - „Зошто да не пробаме да живееме заедно прво?“, „Зошто целосно не ја избегнеме идејата за брак?“. За да се смирам, се присетував на сите парови кои се во брак и кои се среќни. За жал, за секој еден среќен пар се присетував и на еден пар чии животи биле уништени по бурниот брак.
Се наоѓав на крстопат и Хенри тоа го знаеше, но секогаш ме убедуваше дека ме сака повеќе од било која друга, дека сака целиот свој живот да го помине со мене и дека ништо друго не е важно. Овие негови зборови делуваа утешително на мене и ме наведуваа да се присетувам на сите убави моменти кои сме ги поминале заедно.
Конечно стапивме во брак.
Луѓето не лажат кога велат дека бракот менува сè. Не долго по свадбата, станав поодговорна за него не само физички и емоционално, туку и финансиски. Таа искра која велеше дека ја добива како инспирација од мене за да продолжи да работи на својата музика одеднаш исчезна. Работев по 10 часа секојдневно, додека тој седеше дома. Договорот беше дека една година ќе живееме во Њујорк, а една во Париз. Заминав без него. Дојде, но само за 3 месеци и целото тоа време сè што правеше беше спиење.
Не беше таков договорот. Пред да стапиме во брак, договорот беше дека по една година ќе одлучиме кој град ќе стане наш перманентен дом. Но, откако веќе стапивме во брак тој јасно кажа: Ти можеш од секаде да работиш, па зошто да не живееме во Париз?
Во тој момент отворено го прашав дали можеби избрзавме со одлуката за брак, а Хенри и понатаму беше цврсто убеден дека со текот на времето немаше да ја промени својата одлука.
Јас и мојот сопруг се венчавме во врвот од нашата заљубеност. Не си дадовме време добро да размислиме, ниту да се откриеме со сите доблести и маани. Сонувавме дека ќе си бидеме инспирација еден на друг и дека ќе бидеме еден извонреден и авантуристички настроен пар. За жал, нашите соништа не можевме да ги преточиме во реалност.
Сè уште се прашувам, да имав можност да го вратам времето назад до онаа прекрасна вечер во Париз кога ме запроси, дали ќе го дадев истиот одговор? Веројатно ќе му кажев „И јас тебе те сакам, но морам да те одбијам“.
Што е следно? Се обидувам да се погледнам себеси преку моите очи и да не се потпирам на туѓите мислења. Морам да му се заблагодарам на Хенри за оваа новодојдена самодоверба – тој ме научи како повторно да сакам. На чуден начин, благодарна сум што стапивме во брак, така открив што сакам не само од моите врски, туку и од мојот живот.
Сега повторно живеам во Њујорк и се посветувам на својата кариера. Можеби не го живеат она „среќно до крајот на животот“ како што го замислив таа вечер во Париз, но знам дека сум среќна и тоа ми е доволно.