Ти внесуваш сончевина во ова есенско сивило
Се чекаме на аголот.
Те чекам да дојдеш
од подолгата улица.
Почнува да врне.
Пред мене застанува такси.
Таксистот сè уште
не го обоил својот автомобил
во жолта боја.
Од таксито излегуваш ти.
Ме бакнуваш.
Бакнежот трае и трае.
Сè додека не сфаќаме
дека дождот е
побурен и пострастен
од нашиот бакнеж.
Дланката моја
се сплотува со твојата.
Го отвораш чадорот.
Зелен со портокалови цвеќиња
и жолти пеперутки.
Кој знае од каде си го ископал...
Не е важно!
Со боите внесуваш сончевина
во ова прво есенско сивило.
Ми ја отвораш вратата
од кафулето
каде за првпат се сретнавме.
Се движиме внатре,
низ масите,
меѓу луѓето.
Не допираат до нас
нивните муабети,
воздишки, насмевки,
бакнежи, солзи, чад од цигари.
Излегуваме на терасата.
Среќа што е покриена.
Само јас и ти.
Седнуваме на една
од сите празни маси.
Сè уште врне...
Го набљудуваме дождот
кој ја гали и бакнува улицата
и случјано залутаните минувачи.
Ме прегрнуваш,
го слушам отчукувањето
на твоето срце
и паѓањето на капките дожд...
Понекогаш, тие знаат
да кажат многу повеќе
од сите зборови кои човек би можел да ги каже!
Автор: М.К. | Црнобело