Заминувам засекогаш
Заминувам. Смачено ми е од твоите глупави изговори, смислувања на настани, ликови кои од земја никнуваат, другарки кои од небо паѓаат.
Не сакам и не смеам да бидам со човек кој не знае да го цени времето и вниманието кое му го подарувам.
Не сакам да ја делам постелата со човек кој знам дека минатата ноќ бил со згодната шанкерка од локалот каде вообичаено наминува на пиво после работа.
Знаеш, колку и да создавав слики во мислите дека нашето може да успее, не успеав да те променам. Ти никогаш нема да се промениш. Вечниот женкар кој умее да ја скроти секоја, но никоја не успева да го скроти него.
Преку глава ми е од чудни повици на полноќ, скриени пораки, заборавени кармини на твоите колешки во приватниот автомобил.
Можеби можеше да биде поинаку. Можеби.
Заминувам. Спакував само еден куфер. Го наполнив со многу надеж дека во градот од другата страна на границата ќе најдам човек. Човек кој ќе ме сака баш таква каква што сум, човек кој нема да ме изневерува со секоја една жена која ќе му се насмевне.
Подготвена сум се да започнам одново. Подготвена сум одново да верувам во вистинска љубов, онаква каква што никогаш немаше да ми ја дадеш. Верувам дека моите пет минути ќе дојдат. Верувам дека можам да бидам бескрајно среќна. Далеку од тебе. Далеку од човекот поради кој ги исплакав сите солзи, далеку од човекот кој ми ги украде сите насмевки, далеку од човекот кој ми го смрзна срцето.
Автор: М.К. | Црнобело