Си дадовме последна шанса и се случи чудо!
Имавме прекрасна врска, возбудлива и необична, но на крајот се случи се спротивното на ова првото.
Врската стана ужасна, момотона и клише која ни го одземаше непотребно времето и нè гушеше и двајцата. Го знаевме тоа, но сепак останавме заедно бидејќи се сакавме.
Едноставно не можевме еден без друг и секој наш бакнеж беше доказ на гушењето кое мислевме дека со него ќе исчезне. Но, не исчезна, врската избувна и се скрши исто како и бакнежите кои во минатото избувнуваа на нашите усни, но наместо да се скршат, прераснуваа во страст.
Собравме храброст и си признавме дека започнавме да живееме во свет неподнослив за љубов како нашата.
Тоа што ни се случи беше поради тоа што постојано бевме заедно и не си дававме простор да здвнеме, да оставиме да се случи нешто интересно надвор од доменот на нашата врска.
Бевме само ние двајца кои на крајот посакаа да се разделат поради тоа. Сфативме дека преголема посветеност на крајот може да заврши со преголема досада и рамнодушност која ќе резултира со крај, како во нашиот случај.
Бидејќи бевме доста приврзани одлучивме да останеме пријатели и да се гледаме од време на време без никаков љубовен контакт, чисто пријателски.
И двајцата знаевме дека со тоа си ја даваме таа последна шанса да се осознаеме себеси, а потоа да се запознаеме ние двајца повторно.
Го сторивме тоа, деновите ни изминуваа разделени, се фокусиравме на други нешта кои ги имавме запоставено како работата, пријателите, семејството, журките па дури и флертот.
Знаевме дека не правиме ништо лошо со тоа и од време на време се среќававме за да си ги раскажеме новитетите во животот.
На еден од нашите пријателски состаноци се случи чудо, повторно се распламти онаа искра на заљубеност, го почувствувавме тоа и без избрзување дадовме предлог да се гледаме почесто, но не пречесто како порано.
Врската повторно живна, а исто и нашата љубов која се докажа дека е вистинска бидејќи да не би била уште при првата грешка ќе се распаднеше целосно. Но, ние останавме и се боревме до крај.
Сфативме дека доколку сакаме врската да ни успее прво треба да бидеме пријатели, а потоа љубовници.
Сфативме дека подобро функционираме доколку имаме простор само за себе во кој можеме да уживаме без да си наштетиме еден на друг, за подоцна да можеме да уживаме заедно.
Бевме слободни иако бевме во врска.
Доколку и вие се наоѓате во иста ситуација, оддалечете се, бидете искрени кон партнерот и кон себе и дајте си простор во кој ќе здивнете.
Дајте си последна шанса кога се двоумите дали да ставите крај или не, кој знае можеби чудото ќе ви се случи и вас!