Принцот се премисли, не доаѓа!
Не сакам да раскажувам приказни, посебно не оние за девојките кои го чекаат принцот, па по сите бури кои ги носи живеачката, се љубат сѐ до смртта. Ама, ај седи мирна де, кога ќе ги видам оние девојки кои освен за розовата, не знаат за друга боја и сите оние момци кои сериозно мислат дека имаат нешто „сино“ во себе.
Ве молам, ај да се спуштиме на земја. Да веруваш во приказните на браќата Грим и Дизниевите пораки на 10 или 15 години во ред, ама на 25!?
Една познаничка, ми вели, а бре Маја, тешко ми е, никако да го најдам вистинскиот, оној кој ќе ме прави среќна, нема да ми прави љубоморни сцени, ќе ме разбира, ќе биде секогаш тука за мене, плус тоа ќе биде згоден, убав, ќе има кариера…
И недоискажана, и велам: „Мислиш, не можеш да го најдеш принцот а?“ - Па, да, ми одговара со скиселена насмевка, зар заслужувам нешто друго, јас сум принцезата за секој еден, можеш ли мене да ме замислиш со таксист или не знам, келнер…
Ах, мори девојко, зар тој не е човек? Е, и ќе го засакаше ако работеше некаде надвор и наместо тукашниве 6 илјадарки земаше евра.
Ај вака, да расчистиме, за да го чекате принцот, треба и Вие да бидете принцеза. Бидејќи немате волшебнички кои 5 до 12 ќе ви го направат совршениот фустан, не живеете во палати или замоци, не сте принцези.
Не можете да живеете во филмот дека го очекувате принцот кога се будите во 7 и секогаш брзате на работа, косата понекогаш ви е неуредна, живеете буквално од први до први со платата и имате проблеми.
Принцезите и принцовите спијат до доцна, имаат слугинки и немаат финансиски проблеми. Наместо да го барате принцот, барајте го Човекот. И не бидете Пепелашки за една ноќ, додека Човекот да дојде.
Во ова невреме на постоењето, навистина никако да сфатам некои жени. Се напнале за тој принцот, па две ќе се фатат за еден, војна бре! Војна за која да биде подопадлива.
Во битките употребуваат најразлични оружја, од добро познатиот црвен кармин и високи потпетици па сè до разни силикони, надградби на коса, пластики на ноктите, циркончиња на забите и што уште не!
Вистински созреаниот маж знае дека убава девојка не значи лице со пакетче пудра, 200 грама пластика, животински влакна, линии и тонови во хаос. Самодовербата и сјајот во очите е она што ја прави жената женствена.
Битен зачин е и насмевката. Велам „Да“ за ситна и суптилна провокација, а не маичка која личи на градник. Коко Шанел, најголемата модна икона рекла: „Жената е најблиску до голотијата кога е убаво облечена!“
Кога ќе откриеш дека насмевката е побитна од брендот на карминот, дека прочитаните книги се поголеми од штиклите, ќе дојде Човекот. За секое тенџерче има по едно капаче.
Не гледај што работи, туку дали тоа го работи со љубов. Не барај да биде манекен, туку да биде убав во срцето. Не барај Човек за кој сонуваат сите, туку почекај го оној со кој ќе сонувате заедно додека алармот не ве „раздели“.
Автор: Маја Кузмановска