11 типови мажи со кои би требало да се забавувате пред бракот
Пронаоѓањето на Вистинскиот е тешка задача и сите знаеме дека мора да бакнеме многу жаби пред да го најдеме принцот. Меѓутоа, од сите врски, контакти, излегувања може многу да научите, па дури и добро да се забавувате.
Меѓу сите нив има такви кои имаат нешто добро, но имаат и нешто лошо поради кое не се доволно добри за да стапите во брак. Сепак, добро е да знаете од кого што може да научите и на што да внимавате.
1. Уметник
Што добивате: Додворување со поезија, свирење, пеење, сликање. Ќе биде романтичен и ќе сака да зборува за своите емоции. Ќе ви носи кафе на работа или во постела.
Зошто може да пропадне врската: Тоа што му е голема предност, воедно му е и огромна маана. Чувствителните мажи се супер, но проблемот е во тоа што всушност најчувствителни се во врска со своите чувства. Лесно се повредуваат и брзо се истрошуваат, па немаат што повеќе да понудат.
2. Забавувач
Што добивате: Неговиот ентузијазам и неговата љубов кон животот може да бидат заразни. Ќе ве научи да уживате во животот. Вашите пријатели ќе го обожуваат и нема шанси некому да е досадно во негово друштво.
Зошто може да пропадне врската: Нема да ви биде лесно да го убедите дека мирна вечер во домот е еднакво забавна како и излегување во некоја кафеана или концерт. Плус, сите негови лудории може да биде знак дека се обидува нешто да скрие или да заборави.
3. Авантурист
Што добивате: Тој е зависен од адреналин и ќе ве наговори да пробате нови работи за кои не сте имале храброст. Планинарење, скокање со падобран, екстремно возење мотор по ридови... што и да му падне на памет. Двајцата може да бидете среќни и опиени од адреналин.
Зошто може да пропадне врската: Кога ќе помине еуфоријата, тој веднаш ќе бара нова возбуда. Со текот на времето ќе сфатите дека тој начин на живот е вистинска зависност и можеби нема да ви се допадне на долги патеки.
4. Естета
Што добивате: Ќе ве научи како да ја почувствувате фината медена нота во виното и да препознаете дали е добра бербата. Покрај него ќе ја засакате операта и ќе ве поттикне да сакате да го читате Имануел Кант.
Зошто може да пропадне врската: Тој е толку самоуверен што може да делува и како сноб. Можеби на почетокот ќе ви биде интересно, но со текот на времето целата таа приказна за фини и софистицирани работи ќе ви досади.
5. Хипик
Што ќе добиете: Ќе станете едно со природата и ќе почнете да вежбате јога. Ќе се откажете од месото и млекото, а ќе откриете дека од бадемовото млеко може да се направи многу вкусно сирење кое не ѝ штети на природата.
Зошто може да пропадне врската: Сите тие негови приказни за спасување на планетата и противењето на системот може да станат досадни, па дури и лицемерни. Ќе почнете да го мразите сирењето од бадемово млеко.
6. Помлад од вас
Што ќе добиете: Ќе направи да се чувствувате како најинтересна, најпаметна и најпривлечна жена која ја запознал некогаш. Ако е доволно млад, тоа можеби ќе биде и вистина.
Зошто може да пропадне врската: Кога ќе се спомне времето пред мобилните телефони и интернетот, ќе ве гледа со зачуденост и збунетост.
7. Постар од вас
Што ќе добиете: Тој е џентлмен и ќе направи сè што ќе посакате. Гладни сте? Ќе ви подготви ручек. Уморни сте? Ќе ве измасира. Депресивни? Без проблеми ќе ве однесе во Париз.
Зошто може да пропадне врската: Веројатно никогаш нема да успеете да се чувствувате како да сте целосно еднакви.
8. Спортист
Што ќе добиете: Тој има совршено тело и ќе се чувствувате како кралица покрај најубавиот принц. Веројатно и вие покрај него ќе почнете да се занимавате со некој спорт.
Зошто може да пропадне врската: Со текот на времето може да откриете дека освен омилената серија, немате ништо друго заедничко, особено ако вие сте интелектуален тип.
9. Бунтовник
Што ќе добиете: Ќе ве привлече неговата „опасна“ појава, но ќе се заљубите во неговото нежно срце и неговата длабоко скриена сензитивна страна.
Зошто може да пропадне врската: Ќе ви каже дека не е доволно добар за вас и дека вие заслужувате нешто многу подобро од него, а потоа ќе се изгуби во хоризонтот. Можеби и ќе откриете дека е од богата фамилија, секој месец добива пари и единствено нешто против кое се бунтува е наоѓање на постојана работа.
10. Заводник
Што ќе добиете: Знае точно што треба да ѝ каже на една жена за таа сама да почне да ја соблекува облеката. Веројатно со него ќе го имате најдобриот секс во животот и ќе се чувствувате како кралица.
Зошто врската може да пропадне: Ќе ви каже дека постојано ги менува девојките бидејќи сè уште не ја нашол вистинската. Тоа можеби е вистина, но најверојатно не е. Меѓутоа, следниот пат кога ќе налетате на некој од негов тип, ќе знаете на што сте.
11. Добриот
Што може да добиете: Можно е да добиете сè: интимност, стабилност и удобност во врската.
Зошто може да пропадне врската: Ако е премногу добар, можеби едноставно ќе престанете да го цените. Но не го отфрлајте од погрешни причини. Во суштина нема ништо лошо во тоа што момчето многу ве сака, но може да стане многу досадно.
Какво е вашето искуство со некој од овие типови?