Драг шефе, сè додека се преправаш дека добро ме плаќаш, јас ќе се преправам дека добро работам
Здраво шефе, како си? Среќни новогодишни и божиќни празници, не сме се виделе од лани, хе-хе. Гледам на Фејсбук одлично си поминуваш со семејството на скијање во Банско. И ние со децава се санкавме деновиве. Целата улица е заледена, никој не дојде да ја исчисти.
Ама добро ни дојде, си се изнасанкавме и направивме по некој снешко. Како јадењето таму? Хотелчето ми се гледа убаво, со 4 ѕвездички. Ние дома право да ти кажам си јадеме подварок од кисела зелка, што вреди за 5 ѕвездички. Еве веќе втор ден како го јадеме истото, дал Господ, сè има – се може.
Платичка уште нема, поминавме и Нова година и Божиќ без пари, јаки и издржливи сме. Ќе има, ене го февруари, што се нервирам пак и јас. Добро е на работа, супер си работиме, твојот најстар син одлично се вклопува и те заменува во улогата. Расположението му се менува на секои 5 минути, вика кога нема потреба, не мрднува со малиот прст кога има потреба.
Цел е на тебе шефе, крушата под круша паѓа. Вчера отиде на пауза и не се врати некои 4-5 часа до крајот на работното време. Си дојде троа подзамирисан на ќебапчиња и вино, јасно, човек-боем како и татко му, сака да си касне и пивне. Моравме малку да останеме прекувремено и да ги подзавршиме обврските кои останаа несработени поради неговото отсуство, ама битно завршивме.
Не, не сакаме пари за прекувременото, чувај Боже. Имаме и повеќе од доволно, туку ти кажи тебе да не ти требаат, да не планираш да останеш уште некој ден на зимување, па да испратиме некое денарче, да не нè ти стигнат парички? Тие од К-15 што ти ги вративме на рака ти завршија работа? Ако треба уште нешто само пиши, ние за што сме тука?
Снема хартија на работа, син ти само крена раменици и излезе, па тркнав и купив еден топ со последните 500 денари. Ама добро е што се случи така, така сакала судбината, како инаку ќе си ги раситнев парите?
Младиот газда спомна дека си размислувал да купиш нова кола. Па време ти е, оваа истурка цели 2 години. Јас ќе се помолам Шкодата да истурка уште 15-тина години, таман до смрт.
Вие кога се враќате? Нешто ми спомнаа ќе сте оделе и до Софија на шопинг… ова па моето запна за нови чизми, де бре тато му викам, само 2 дупки имаат, малку водичка пропуштаат, ништо бе сине, облечи 3 пара чорапи и готово.
Ме викаат децава на снегот, да поуживаме додека е уште убаво надвор за играње… пријатно скијање шефе, да си жив и здрав.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело