Збогум шансо за вработување – како твојот Фејсбук профил те „оцрни“ пред потенцијалниот шеф?
Стана редовна практика работодавачите да ги проверуваат кандидатите и на Фејсбук, па профилот на несериозен човек што консумира алкохол до рано наутро нема да ви донесе вработување.
Барањето на работа е комплициран и понекогаш многу долг процес. Но, ете конечно наидовте на оглас кој ја опишува вашата работа од соништата, вие сте идеален кандидат според сите критериуми, па аплицирате веднаш.
Бевте на интервју, знаете дека сте совршени за оваа работна позиција, но минаа денови и седмици како работодавачот не ви се јавил? Што е проблемот?
Кога не се во прашање партиските, роднинските, пријателските врски, односно огласот не е однапред наместен, причината може да лежи во социјалните мрежи.
Да, вашиот Фејсбук профил може да ви го забетонира статусот невработен.
Компаниите започнаа да обрнуваат внимание на тоа сè повеќе, па огромна е веројатноста тие да го впишат вашето име и презиме на Фејсбук за да откријат со кого имаат работа.
Некои грешки што ги правите на социјалните мрежи може да влијаат на нивната конечна одлука:
Број на пријатели
Ако имате преку 1.500 пријатели на вашиот Фејсбук профил работодавачот може да помисли дека вие сте личност која живее многу „јавно“, па тајните на компанијата веројатно ќе протечат на интернет.
Од друга страна, па и многу непопуларен и здодевен профил е непривлечен затоа што вие очигледно не сте многу социјална личност и утре ќе имате проблеми во комуникацијата со идните клиенти.
Музика, книги и видеа
Фразата „Кажи ми што читаш и гледаш и ќе ти кажам кој си“ е навистина точна. На социјалните мрежи преку вашите објави, лајкови и следења на страници работодавачот може да открие за каков тип на човек станува збор.
Затоа бидете внимателни, а особено со споделување на видеата. Неколку тематски несоодветни видеа и вие можете да се збогувате со шансата за вработување.
Несоодветни фотографии
Овековечувањето на забавите со фотографии е традиција. Без фотографии, како да не се случило.
Но, овие фотографии каде пијани се милувате на сепаре со партнерот во некое диско или со пријателите сте качени на шанк, вашиот потенцијален шеф навистина нема потреба да ги види.
Коментари
Вашите описи, па и коментари под фотографиите, исто така, ќе бидат прочитани, па внимавајте и на нив. Осигурајте се дека нема ништо компромитирачко.
Бидете сериозни, но останете тоа што сте. Сè нека биде умерено дозирано.
Деца
Децата се слатки, но ако Фејсбук профилот ви е преплавен со фотографии од вашите деца, тоа не оди во прилог на вашата шанса за вработување.
Вие јасно тврдите дека сте премногу опседнати со нив, па најверојатно работата во многу пригоди ќе ви трпи поради тоа. Работодавачот ќе мисли дека за секое кивнување на вашите дечиња вие ќе земате слободен ден.
Совет плус:
Ако знаете кој ќе ви го спроведува интервјуто, обидете се да го пронајдете на Фејсбук. Нормално, не да го додадете за пријател, туку да се обидете да откриете некој негов интерес.
Споменувањето на тема, која му е блиска, ќе биде лесен начин за отворање конверзација за време на интервјуто и бонус поени за вас. Размислете однапред, вашата работа од соништата е во вашите раце.
С. С. | Црнобело