Приказната за Локумче - од повредено, улично куче во македонско село до живот во топол дом во Германија (фото)
„Локумче беше забележана во едно скопско село, во многу лоша состојба со очите. Веднаш беше спасена, за жал, ги изгуби очите, но сега има прекрасно семејство во Германија и иако наместо очи има цртички од резовите, Локумче стана најхаризматичното куче на свет...“, раскажува хуманата Емилија Гогова од Скопје за CRNOBELO.com.
Емилија Гогова од Скопје е самостоен активист кој спасува и вдомува улични животни повеќе од 12 години.
Таа вели дека желбата да му се помогне на послабиот и беспомошниот треба да биде дел од човековата природа.
Токму затоа, помага на многу кученца да имаат подобар и посреќен живот, а едно од нив е и малата Локумче.
Од повредено кученце во македонско село до среќно кученце во дом во Германија, ова е приказна што ни ја враќа вербата во човештвото.
Емилија ни ја пренесува неговата животна приказна:
„Локумче, сега Сузи (Susie) е кученцето кое остана без двете очи, но затоа пак со сите останати сетила го живее својот втор живот во Германија.
Локумче беше забележана во едно скопско село, во многу лоша состојба со очите. Веднаш беше спасена и се приклучи на семејството „Малите Палавковци на Ема“ и од тој момент нејзиниот живот почна да се менува.
Тоа беше долг и тежок процес кој траеше скоро две години. Прво ѝ беше извадено едното око и додека сè уште се адаптираше на новиот начин на живот, веќе мораше да се отстрани и другото.