Емилија од Кочани: „Како животот ми се разубави откако си земав кученце од расата бишон фризе?“
„Бишон фризе е добропозната раса, доста популарна во последно време, препознатлива по нивното кадраво снежно-бело влакно. Поради тоа за оваа раса уште се вели дека личи на облаче или памучно топче и мојата Лора изгледа токму така…“, раскажува Емилија (25) за CRNOBELO.com.
Емилија (25) од Кочани е дипломиран економист и сопственичка на милениче од расата бишон фризе по име Лора.
Таа вели дека нејзиниот живот драстично се подобрил откако Лора станала дел од нејзиното секојдневие.
Зошто е убаво да се чува куче и каква нега бара миленик од расата бишон фризе, Емилија споделува за CRNOBELO.com:
„Отсекогаш се велело дека кучето е најдобар пријател на човекот и многупати досега се покажало дека оправдано ја заслужува оваа ’титула‘. Кучето е единствено суштество на земјата кое ве сака повеќе од себеси. Тоа е искрено животно кое се приврзува за човекот. Само куче со часови ќе Ве чека на прагот и ќе се израдува на вашето доаѓање без да праша каде сте биле. Доколку имате куче или сте љубител на кучиња сигурно ова веќе го знаете.
Чуваш милениче? Јас одговарам: Да, куче. Надвор го чувате? Не, внатре. И следува: „Па како можете внатре да го чувате, влакна нели имате насекаде, па нели мириса, како дозволувате дома милениче …“
Многумина ќе се запрашаат зошто токму оваа раса. Бишон фризе е добропозната раса, доста популарна во последно време, препознатлива по нивното кадраво снежно-бело влакно. Поради тоа за оваа раса уште се вели дека личи на облаче или памучно топче.
Влакната на ова кадраво топче треба постојано да се чешлаат и негуваат, па така кучето го добива својот карактеристичен изглед.
Тие се добри за чување бидејќи е мала раса, не мирисаат, не се митарат погодни за чување и во стан, за фамилија со мали децa. Разиграни се, верни и интелигентни. Сакаат друштво, игри и мноогу галење.
Лора е моето прво куче, таа е стара 2 години и е многу поврзана со мене, што всушност може да се каже како мана за оваа раса на кучиња. Тие многу се поврзуваат со сопствениците и не трпат да бидат осамени долго. Не се одвојува од мене, спремна е да ме прати во секој чекор без било какви дресури и трикови.
Па, така ако сакате постојано да имате мир и да сте сами, оваа раса не е за вас и слободно прескокнете ја.