Јужнокинески тигар и уште 5 најкритично загрозени животински видови
Денес во светот постојат само 60-тина јавански носорози, едвај 100 амурски леопарди и помалку од 20 јужнокинески тигри, и овие животни, заедно со многу други, се наоѓаат на листата на критично загрозени видови.
Поради несовесноста на луѓето, досега сме изгубиле голем број животински видови.
Ловењето на загрозените животни од забава или за профит, постојаното уништување на нивните живеалишта и уште бројни други фактори имаат големо влијание врз загрозувањето на одредени животински видови.
Всушност, ситуацијата за некои од нив е толку критична, што експертите се сомневаат дека ќе успееме да ги спасиме.
Ако не преземеме нешто и ако не го промениме нашиот однос кон природата, дефинитивно ќе изгубиме уште многу животински видови, а во продолжение можете да погледнете кои се најкритично загрозените:
Амурски леопард
Овие животни некогаш се нарекуваат и кинески или сибирски леопард и се прогласени за критично загрозен вид. Амурските леопарди живеат во Русија, како и шумските и планинските предели на северот од Кина.
Се проценува дека денес во светот има само околу 100 возрасни амурски леопарди, па поради ова тие се едни од најзагрозените големи мачки во светот.
Најголема закана за овој вид претставува нивното ловење, но и уништувањето на нивните живеалишта од пожари и за изградба на патишта.
Јавански носорог
Овој вид носорози во минатото биле едни од најраспространетите, но денес се останати само околу 60-тина возрасни единки. Порано овие носорози живееле во Индонезија, Индија и Кина, а сега преживеаните единки се заштитени во природен резерват во Јава.
Слично како амурскиот леопард, најголема причина за драстичното намалување на бројот на јавански носорози е несвесното ловење и уништувањето на нивните живеалишта.
Планинска горила
Како што кажува нивното име, овие горили живеат во планински шуми, од 2.500 до 4.000 метри надморска височина. За нив е карактеристично нивното густо крзно, кое им помага да преживеат на многу ниски температури.
Денес во светот се останати околу 1.000 единки, од кои половина живеат на венецот вулкански планини Вирунга во Источна Африка. Некои од нив се наоѓаат и во природен резерват во Уганда.
Откако првпат биле откриени на почетокот на 1900-тите, овие животни се соочиле со ловење, болести и уништување на нивните живеалишта, а извесен период експертите стравувале дека целосно ќе исчезнат до крајот на 20-иот век.
Саола
Ова животно неретко е нарекувано и азиски еднорог, се наоѓа на листата на критично загрозени животни и е вистинска реткост да го видите во дивината. Научниците првпат го забележале животното во 1992 година во Виетнам – настан што важел за едно од најголемите откритија во зоологијата за 20-ти век.
Нема ниту едно вакво животно во заробеништво, познато е дека живеат во Виетнам и Лаос и експертите немаат претстава колку единки се останати живи. Но, бидејќи го забележуваат ова животно многу ретко, се смета дека видот е во опасност.
Јужнокинески тигар
Ова е најзагрозениот вид тигар и според експертите, денес има можеби помалку од 20 единки во природни резервати и зоолошки. За жал, тие се сомневаат дека во следните 10 години, јужнокинескиот тигар може целосно да исчезне од лицето на Земјата.
Овие тигри живеат во јужниот дел на Кина и до почетокот на 20-иот век биле доста распространети. Но, во 1959 година, Мао Цетунг изјавил дека тигрите и сличните предатори се штетници, па започнале кампања за нивно ловење.
Поради ова, бројот на овие тигри се намалил од 4.000 на речиси 200. Иако потоа кинеската влада го прекинала нивниот лов, штетата била направена. Овој тигар не е забележан во дивината повеќе од 20 години.
Суматрански слон
Суматранскиот слон е подвид на азискиот слон и денес постојат околу 2.500 единки. Името го добиле по островот Суматра во Индонезија, каде што живеат.
Најголема закана за овие животни е убивањето за нивните долги заби, но и постојаното уништување на нивните живеалишта.
Спирова С. | Црнобело / Фото: depositphotos