Животни кои речиси беа истребени, но успеавме да ги спасиме навреме
Досега исчезнале многу животински видови, а многу други се на работ на истребување.
Некои, за жал, не успеваме да ги спасиме, а некои видови за кои сме мислеле дека сме ги изгубиле, повторно се појавиле. Ова ново откривање на видовите што сме ги сметале за изгубени, во палеонтологијата е познато како Lazarus taxon.
Многу видови, пак, биле пред истребување, но некако сме успеале да ги спасиме.
Во продолжение прочитајте за 10 од нив:
Лилјаци од видот Leptonycteris nivalis
Овие лилјаци се клучни за животниот циклус на растението агаве, кое се користи и за правење текила. Но, поради неконтролираното берење на овие кактуси, лилјаците беа прогласени за загрозен вид.
Во 2013-та, овие животни беа тргнати од листата на загрозени видови, благодарение на научниците, локалните здруженија и владините институции.
Коњи од видот Equus ferus przewalskii (пржевалскиев коњ)
Овие коњи се потомци на дивите коњи кои биле ловени во 20-тиот век, за да се чуваат во зоолошки. Научниците мислеа дека повеќе нема вакви коњи во дивината, но во 1992-ра, 16 коњи од овој вид беа пуштени во нивото природно живеалиште во Монголија.
Местото стана и природен резерват, а според последното броење од 2018-та, денес има околу 2.000 вакви коњи во дивината.
Китови од видот Megaptera novaeangliae (грбав кит)
Во 1988-ма, овие китови се соочија со лошите последици од претераното ловење – се најдоа на листата на загрозени видови.
Денес, благодарение на забраната за ловење на грбавите китови, нивниот број е зголемен и повеќе не се сметаат за загрозени.
Орел од видот Haliaeetus leucocephalus (белоглав орел)
Во 70-тите, фрлањето хемиски отпад во океаните и реките беше многу почесто од денес. Бидејќи отпадот ги загадува рибите што ги јаде белоглавиот орел, но и поради честото ловење, овие птици станаа загрозен вид.
Откако се направи план за нивно спасување, бројот на белоглавите орли почна да расте и во 2017-та конечно беа тргнати од листата на загрозени животни.
Индиски тигар
Околу 70% од сите тигри во светот живеат во Индија. Индиските тигри сè уште се наоѓаат на листата на загрозени видови, но има и добри вести – од 2018-та е заклучено дека нивниот број е стабилен, или во пораст.
Ова значи дека наскоро, најверојатно и тие ќе бидат тргнати од листата.
Спирова С. | Црнобело