Неверојатна снимка од октопод кој ги менува боите додека сонува
Октоподите се експерти за камуфлажа, но изгледа не ја користат само за да ги исплашат предаторите.
Неодамна, од PBS објавија видео на кое се гледа заспан октопод, кој неколкупати ја менува својата боја. Она што го прави видеото уште поубаво е нарацијата на биологот доктор Дејвид Шил – тој се обидува да погоди за што сонува октоподот.
Видеото е дел од документарецот Octopus: Making Contact, чија премиера на PBS ќе биде на 2-ри октомври. Во документарецот се појавува доктор Дејвид и Хајди, октоподот за којшто се грижел.
Хајди можела да решава загатки, да користи алатки и да бега низ многу мали простори. Покрај тоа, таа почнала да се однесува и како милениче – им ги распознавала лицата и се возбудувала кога луѓето се доближувале до нејзиниот аквариум.
Бидејќи октоподите ја користат нивната камуфлажа како одговор за промените во нивното опкружување, постои претпоставка дека овој октопод сонува нешто.
Сепак, денес сè уште не постојат доволно цврсти докази за тоа дали октоподите сонуваат исто како нас.
За разлика од луѓето, октоподите немаат централизиран мозок, туку повеќе „мозоци“, чии неврони се распоредени во нивните екстремитети.
„Најпрво сакам да знаете дека јас не сум биолог за спиење и не сум експерт за ова однесување. Изгледа дека многу цицачи, а можеби и сите животни со нервен систем, мораат да спијат.“
Доктор Дејвид изјавил дека спиењето може да се препознава преку однесувањето, а октоподите ја задоволуваат дефиницијата за спиење.
Наводно, нивната реакција се намалувала, а после долг период без спиење, спиеле подолго за да надополнат. Истовремено, нивните мозоци биле активни за време на спиењето.