Зошто е добро да чувате папагал?
Доколку живеете во стан, а сепак сакате да имате домашен миленик, тогаш чувањето папагал е одличен избор за вас. Папагалите се одлични миленици, кои немаат потреба од преголемо внимание како што имаат кучињата или мачките.
Ако сè уште не сте одлучени има неколку добри причини зошто да чувате папагал како домашен миленик:
Папагалите се интелигентни суштества
Тие имаат голем капацитет за учење, што ги прави многу посебни. Нема да помине долго, а вашето папагалче ќе почне да си го изговара името или некои зборови како „Здраво”, „браво“ и слично. Сè што треба да направите е да му се обраќате со името и често да му зборувате.
Лесни се за чување
Тоа е една од најголемите предности пред останатите домашни миленици, како кучињата или мачките. Сè што треба да правите е дневно чистење на кафезот, кое не одзема повеќе од 5 до 10 минути, како и менување на храна и водата за пиење.
Брзо се тренираат
Поради тоа што се доста интелигентни, тие и брзо се тренираат. На папагалите им требаат неколку денови да се прилагодат на новата средина, а потоа може да ги научите да ви стојат на рамото, раката и за многу кратко време не ќе можете да ги тргнете од масата за време на ручекот.
Минимално одржување на хигиена
Оние кои чуваат папагали, немаат никаков проблем со одржување на нивната хигиена. За папагалчињата е доволно малку топла вода во посебно, мало базенче (наменето за папагали), и можете да застанете од страна и да гледате како уживаат капејќи се. Тоа се прави еднаш, до два пати неделно.
Социјално друштвени
Папагалите можат да бидат многу друштвени доколку ги извежбате. Ќе уживаат со вас играјќи си со мали топчиња, огледала, и секаков тип на врвки.
Евтина храна
Уште една голема предност пред кучињата и мачките. Храната за птици воопшто не е скапа, а со храната можете да комбинирате малку јаболко, свежа зелка, морков, варени јајца, леб...
Не зафаќаат многу простор
Кафезите за малите папагали воопшто не зафаќаат простор. Поставете го кафезот на место каде што папаглот би можел секогаш да има друштво во текот на денот.
Ве будат со песна
Тоа секако многу влијае на вашето дневно расположение. Папагалите имитираат звуци од сите птици кои ги слушаат надвор, па тие песни ќе ги пренесат во утринските часови во вашиот дом. Будењето со песна гарантира прекрасно утро.
Сакаат музика
Секако не прегласна. Но, штом ќе пуштите некоја песна, ќе забележите како и вашиот папагал започнува да пее заедно со мелодијата.
Живеат долго
Зависи од видот, но папагалите се едни од милениците кои имаат најдолг животен век. Па, доколку сакате милениче кое ќе го чувате и сакате долги години, папагалот е вистински избор.