Зошто е добро да чувате зајак и како да се грижите за него?
Природно за зајаците е да:
- џвакаат работи – тоа ги одржува нивните заби во добро здравје
- удираат со задните стапала
- си играат со предмети
- креираат гнезда користејќи го сопственото крзно, сено или други материјали кои се наоѓаат во нивната околина
Кога да го контактирате вашиот ветеринар?
Многу е важно правилно да се грижите за вашето милениче зајак.
Па, доколку забележите некоја од овие работи, контактирајте го и консултирајте се со вашиот ветеринар:
- Криење
- Агресија, особено кога ќе се обидете да го подигнете или допрете
- Прекумерно џвакање предмети или сопствениот кафез
- Промени во исхраната
- Прекумерно пиење вода
- Постојано кружење околу неговото живеалиште
Имајте предвид дека зајаците може да развијат проблеми со забите, па затоа е особено важно постојано да џвакаат нешто, без разлика дали е тоа трева, сено или некоја играчка за глодање.
Нивните заби растат постојано, со брзина од 2 до 3 милиметри неделно. Ако мислите дека забите му стануваат премногу долги, разговарајте со вашиот ветеринар кој ќе ви даде опции за намалување и одржување на соодветната должина.
Уште една работа која треба да ја имате предвид при чувањето зајак е тоа што тие може да страдаат од премногу топлина. Кога температурата ќе се искачи над 28 степени Целзиусови, потребно е да ги следите, а многу е важно да не ги ставате на директна сончева светлина, особено не во летните месеци. Чувајте ги на сенка, дури и во текот на постудените денови.
Исто така, во текот на летните денови кога температурата е многу повисока, може да им ставите и шише со замрзната вода близу нивното живеалиште, за да им ја намалите жештината.
Кога дозволуваат временските услови, ставете го кафезот до прозорецот и отворете го за да го изладите вашиот крзнен пријател.
Бидете внимателни, зашто зајакот кој страда од топлотен удар, може да ги покаже следниве знаци:
- Слабост
- Некоординираност
- Конвулзии
- Кома
Ако се сомневате дека и вашето милениче страда од топлотен удар, веднаш контактирајте го вашиот ветеринар. Додека чекате, почнете со намалување на температурата така што ќе го завиткате во ладна и влажна крпа. Никогаш не ставајте го во ладна или вода со мраз.
Која храна е најдобра за вашиот зајак?
Домашните зајачиња не се физички многу поразлични од нивните „диви роднини“, а нивните тела се дизајнирани за да пасат во текот на денот.
Всушност, за здрава исхрана, на зајаците им е потребно:
- Постојано снабдување со сено или свежа трева (85-90%)
- Разновиден свеж и лиснат зеленчук (10%)
- Мала количина пелети за зајак (5%)
Како што веќе споменавме, забите на зајаците продолжуваат да растат во текот на нивниот живот, така што ним им треба постојано нешто да грицкаат за да ги спречат да им пораснат премногу. Затоа, важно е постојано да имаат до нив трева или сено, а освен што е корисно за нивните заби, ова го одржува здрав и нивниот дигестивен систем.
Покрај ова, околу 10% од оброците на вашето зајаче треба да се состојат од свеж и лиснат зеленчук. Ако се прашувате колку зеленчук им е доволно, ориентирајте се според нивната глава – толкава количина треба да изедат дневно.
Најдобар избор се: спанаќ, кељ, брокула или целер. Зајаците исто така уживаат во џвакањето свежи билки како нане, магдонос, копар и мајчина душица.
Последните 5% од дневната исхрана на зајакот треба да бидат во форма на пелети со висока содржина на хранливи влакна, кои исто така им помагаат да ги добијат потребните минерали. Доволно е да им дадете по една мала чаша, двапати на ден.
Што се однесува до водата, зајаците најмногу сакаат свежа вода па потрудете се да им ја менувате секој ден. Подобро им е да пијат од чинија, која треба редовно да ја миете и да ја одржувате постојано чиста.
Како да создадете идеалното живеалиште за зајак?
Зајаците се активни животни, а за да бидат здрави и среќни, треба да им обезбедите удобен дом. Имајте предвид дека ним им треба сигурен простор, тие се активни и им треба простор да скокаат, трчаат и целосно да се истегнат кога лежат. Им треба доволно место и за вежбање, а нивните уши не треба да го достигнуваат покривот.
Сместете го нивното живеалиште некаде на безбедно, каде што ќе се чувствуваат заштитени од непријатели или високи температури.
Обезбедете им доволно слама или сено за да може да се засолнат или да се стоплат кога ќе им биде потребно.
Исто така, ним им треба и пристап до соодветен тоалет, кој треба да биде одвоен од местото за спиење, а треба и редовно да го чистите.
Ако пак треба да патувате, најдете некој кој ќе може да се грижи за вашиот миленик, а добро е претходно да се запознае со личноста која ќе се грижи за него.
Ако, пак, треба да го транспортирате, проверете дали во кафезот му е удобно, ставете му познати предмети кои ќе ги препознае по мирисот и внимавајте на температурата на која ќе биде изложен.
Па, веруваме дека веќе на листата за домашни миленици ќе го додадете и ова нежно, меко и мирно крзнено суштество кое може да биде ваш одличен пријател.
М. Ѓ | Црнобело / фото: pexels.com