Работи со кои несвесно му предизвикувате стрес и анксиозност на вашето куче, според ветеринари
Силни прегратки, гласна музика, тесна облека – постојат многу работи кои се стресни за кучињата и со кои несвесно им создавате анксиозност.
Некогаш, дури и кога ја имате најдобрата намера, можно е несвесно да му предизвикувате стрес на вашето куче.
На пример, иако прегратките се поради љубовта што ја чувствувате кон него, кучето може да се чувствува непријатно, па дури и исплашено, ако го прегрнете многу силно.
За Insider, неколку ветеринари споделуваат кои работи се стресни за повеќето кучиња:
Разместување на мебелот
Преместувањето на мебелот во домот може да предизвика стрес кај кучињата, особено оние кои имаат проблеми со видот.
„Кучињата ги користат меморијата и сетилото за мирис за да се снаоѓаат околу домот.
Преместувањето на мебелот може да им предизвика анксиозност бидејќи нема да го знаат новиот распоред“ - вели ветеринарката Мери Гарднер.
Ако забележите дека кучето е под стрес кога го разместувате мебелот, таа советува да не правите промени во сите простории одеднаш, туку да му дадете време да се навикнува.
Постојано гледање во кучето
„Кучињата не сакаат некој постојано да гледа во нив. Дури и ако го гледате бидејќи ви е слатко, вашето куче може да помисли дека прави нешто погрешно“ - вели ветеринарката Сара Очоа.
Ова не значи дека не треба да го погледнете кучето, но избегнувајте да „зјапате“ во него.
Прегратки
Иако може да ви биде тешко да одолеете да го прегрнете вашето куче, Сара Очоа вели дека ова може да биде многу стресно за него.
„Кучињата сакаат да се галат, но не сакаат силни прегратки. Тогаш се чувствуваат како да се заробени и ова им е стресно“.
Па, кога го прегрнувате кучето, никогаш немојте да го стискате и давајте му простор за движење.
Гласна музика
Гласната музика и какви било гласни звуци се исто така стресни за кучињата.
„Гласните звуци можат да бидат многу непријатни за чувствителните уши на кучињата, поради што им предизвикуваат стрес“ - открива ветеринарката Џесика Кирк.
Затоа, најдобро избегнувајте многу гласна музика кога кучето е со вас, особено ако сте во автомобилот.