Најбогатиот човек во светот одбил да плати откуп за киднапираниот внук - морничавата приказна за скржавоста на милијардерот Пол Гети
Во 1970-тите, Џин Пол Гети бил најбогатиот човек на планетата, но и покрај тоа одбил да плати 17 милиони долари за откуп, откако неговиот внук бил киднапиран. Дури кога киднаперите му го испратиле отсеченото уво на внук му, тој се согласил да плати, но побарал дел од сумата да му биде вратена со камата.
Во 1942 година, Џин Пол Гети ја основал компанијата за нафта Getty Oil Company и со ова стана еден од најбогатите луѓе.
Во 1966 година, тој се најде и во Гинисовата книга на рекорди како „најбогатиот човек на планетата“. Тогаш неговото богатство изнесувало 1.2 милијарди долари, односно околу 7.8 денешни милијарди долари.
Но, и покрај огромното богатство, Пол Гети бил многу скржава личност.
Неговата скржавост е можеби најдобро отсликана во скандалот со неговиот внук кој го носи неговото средно име - Џон Пол Гети III.
Во 1973 година, внук му бил киднапиран, а милијардерот одбивал да го плати откупот што бил побаран од него, сè додека не добил кутија во која било увото на внук му.
Но дури и тогаш, Пол Гети побарал од родителите на момчето да му вратат дел од сумата, и тоа со камата.
Џон Пол Гети III е еден од неколкуте внуци на милијардерот, а неговиот татко е Џон Пол Гети Џуниор – третиот од петте сина на милијардерот.
Во јули 1973 година, тогаш 16-годишнит внук бил во Рим. Младиот Пол Гети се враќал од излегување со пријателите, кога бил киднапиран од криминална организација тесно поврзана со италијанската мафија.
Киднаперите го ставиле во комбе и го однеле речиси 500 километри подалеку, во италијанскиот регион Калабрија.
Тие веднаш стапиле во контакт со родителите на момчето ѝ побарале откуп од 17 милиони долари – денешни 104 милиони.
Дотогаш, милијардерот Пол Гети веќе престанал да им дава пари на родителите на момчето, па тие немале ни приближно доволно за да им платат на киднаперите.
Тогаш мајката на момчето, Гејл Харис, и неговиот татко Пол Гети Џуниор решиле да побараат помош од милијардерот.
Овој период милијардерот бил најбогатиот човек во светот и сите претпоставувале дека оваа сума не значи ништо за него.
Но, Џин Пол Гети без двоумење одбил да плати 17 милиони за ослободувањето на внукот.
Тој, имал и многу добар изговор за тоа – милијардерот сметал дека ако плати за ослободувањето на еден внук, тогаш ќе ги загрози и другите внуци и членови на семејството.
Односно, киднаперите ќе сфатат дека на овој начин можат да изнудуваат пари од него.
Приказната веднаш се раширила низ светските медиуми, а јавноста почнала да смислува и секакви теории на заговор.
Таткото на киднапираното момче имал проблеми со дрога, па поради ова милијардерот престанал да му дава пари. Ова била причина и за разводот од сопругата Гејл.
По разводот, милијардерот одбивал да ѝ помага и на Гејл, без разлика што родила негов внук.
Поради сето ова, дел од јавноста верувала дека момчето го лажирало своето киднапирање за да изнуди пари од дедо му.
Но, младиот Пол Гети навистина бил киднапиран, а мајка му со месеци не престанувала да го убедува милијардерот да ѝ даде пари за откуп.
Поминале четири месеци, па киднаперите решиле да видат до каде можат да го притискаат милијардерот.
Во ноември истата година, тие испратиле кутија до милијардерот, со порака која гласела:
„Ова е увото на Пол. Ако не добиеме пари за 10 дена, тогаш ќе го добиете и другото уво. Со други зборови, ќе ви го испраќаме на делови“.
Во кутијата навистина било увото на тинејџерот, како и уште едно барање за пари – овојпат помала сума од 3.2 милиони долари.
Дури тогаш милијардерот се согласил да помогне, барем донекаде.
Џин Пол Гети се согласил да плати 2.3 милиони. Ги платил и останатите 700.000 долари, но му кажал на син му дека тие се позајмица.
Односно, очекувал да му бидат вратени, и тоа со камата.
Парите веднаш им биле дадени на киднаперите, па на 15-ти декември Џон Пол Гети III конечно бил пуштен на слобода.
Вкупно девет лица биле уапсени за киднапирањето, но само двајца добиле казна затвор. Парите од откупот, пак, никогаш не биле пронајдени.
Кратко по киднапирањето, тинејџерот развил зависност од дрога и алкохол.
Во 1981 година, тој се предозирал, а последиците биле катастрофални – црниот дроб му бил уништен, имал мозочен удар, останал парализиран, делумно слеп и ја изгубил способноста за зборување.
Тој почина во 2011 година, на 54-годишна возраст.
За киднапирањето на Џон Пол Гети III е снимен и одличен филм.
All the Money in the World е режиран од познатиот режисер Ридли Скот, а доби и номинација за Оскар.
Спирова С. | Црнобело