Ловат луѓе како дел од ритуал, го убиле и изеле пра-правнукот на Џон Рокфелер – кои се Асматите, најпознатото канибалистичко племе во светот?
Мајкл Рокфелер од најмоќното семејство во светот решил да посети изолирано племе во Папуа Нова Гвинеја, познато како Асмат. Но, иако имал најдобра намера, луѓето од племето го убиле, му ја пресекле главата и му го изеле мозокот.
Мајкл Рокфелер, роден во 1938 година, бил пра-правнук на Џон Д. Рокфелер – еден од најбогатите луѓе во историјата.
Неговиот пра-прадедо до денес важи за еден од најголемите филантропи кои некогаш постоеле и се проценува дека неговото богатство изнесувало околу 190 милијарди долари.
Ова значи дека и Мајкл бил ултра богат, имал добро образование и, нормално, го очекувала блескава иднина.
Но, за разлика од членовите на неговото семејство кои биле или бизнисмени или активни во политиката, Мајкл бил авантурист. Па, пред да се посвети на бројните семејни бизниси, решил да оди на авантура.
Мајкл Рокфелер
Во 1961 година, кога имал 23 години, Мајкл отишол во Папуа Нова Гвинеја за да ги истражува тамошните џунгли. Овде тој ги запознал луѓето од племето Асмат, ги фотографирал и планирал да издаде книга со фотографии откако ќе се врати назад.
Но, седум месеци откако тргнал на пат, Мајкл исчезнал и оттогаш му се губи секаква трага.
Бидејќи неговото семејство е богато, веднаш била организирана потрага со бродови, авиони и хеликоптери. Истовремено, илјадници локалци од Гвинеја барале низ џунглите.
Потрагата траела околу две недели, по што семејството Рокфелер изјавило дека Мајкл се удавил.
Дел од семејството Рокфелер за време на потрагата по Мајкл
Сепак, веднаш почнале да се шират гласини за судбината на Мајкл – некои мислеле дека е киднапиран, други сметале дека самиот се скрил и продолжил да си живее во џунглата, а многумина верувале дека бил изеден од племето Асмат коешто го фотографирал.
Племето Асмат живее во југозападна Нова Гвинеја и го сочинуваат околу 70.000 луѓе. Тие живеат во мали села, а најпознатиот факт за нив е дека се (или биле) канибали.
Традиционално, овој народ практикувал полигамија – мажите се венчавале со повеќе од една жена. Неретко мажите се венчавале и со сопругуте на нивните роднини доколку тие умреле, со цел вдовицата и децата да не останат незаштитени.
Важен дел од нивната култура било и ловењето луѓе. Тие ги ловеле нивните непријатели како животни и ги чувале нивните глави.
Ова ловење луѓе го гледале како одмазда. Според нив, смртта на секоја возрасна личност, дури и од болест, е предизвикана од непријател. Па, роднините на возрасната личност одлучувале кој е непријателот (најчесто од соседно племе), го ловеле, го убивале и ја чувале неговата глава.
Главите, пак, ги користеле во ритуали со кои го обележувале полнолетството на момчињата.
Како што веќе спомнавме, овој народ е познат и по канибализмот кој исто така бил важен дел од нивната култура. Тие најчесто јаделе органи и делови од телото на „непријателите“ што ги ловеле.