Со помош на трик земал 100.000 долари во „Кој сака да биде милионер“ без да ги знае точните одговори – како му успеа?
„Јас не ги добив парите, туку ги заработив“ – велеше контроверзниот Австралиец кој од квизот „Кој сака да биде милионер?“ си замина со сума од 100.000 долари. Тврдеше дека не ги знаел одговорите на ниту едно од прашањата, но како му успеа да си замине со толкава сума?
Квизот „Кој сака да биде милионер?“ беше мошне популарен во сите делови од светот, а во некои земји, се емитува и денес.
По приказната за Британецот Чарлс Инграм којшто со измама победи и успеа да добие милион фунти, а за тоа доби и затворска казна, една од највпечатливите приказни е и за младиот Австралиец Халид Ел Кататени кој си заминал со 100.000 долари без да ги знае точните одговори на прашањата.
Во 2014-та година, тогаш 19-годишниот Халид го привлече вниманието на австралиската публика така што јавно бараше луѓето да го следат на Инстаграм, а на водителот Еди Мекгвајер му рече дека планира да купи 10 џет-ски возила доколку победи.
Халид во тој период беше студент по правни науки, но велеше дека наместо да се потпира на своето знаење, тој заработил огромна сума пари така што се потпирал на сопствените инстинкти за читање на говорот на телото на водителот и публиката.
Тој по завршувањето на квизот рече дека за сите пет прашања што му биле поставени, ги повторувал можните одговори и ги следел реакциите на лицето на водителот за да го одреди точниот одговор.
„Ако ме погледнете ќе видите дека јас внимавам на Еди Мекгвајер, ги следам и најситните детали на неговото лице.
Освен тоа, ја следев и реакцијата на публиката и така ги знаев одговорите“ – рече тој.
Интересно е што по прегледувањето на снимките никој не можел да утврди дали тврдењата што тој ги изнесува се точни и дали навистина не ги знаел одговорите на прашањата, па затоа неговите добивки воопшто не биле доведени во прашање.
Сепак, откако ги доби парите тој рече дека прво им понудил поголема сума на нивните родители, а тие одбиле и биле мошне горди со него.
„Само ве молам не пишувајте дека сум ги добил парите. Јас не добив ништо – туку заработив“ – порача тогаш за австралиските медиуми младиот Халид.
Освен што си замина од квизот со поголема сума пари, благодарение на тоа што јавно го повторуваше својот Инстаграм профил стекна и голем број следбеници, а наместо 10 џет-ски возила, сепак одлучи да купи само едно.
фото: Facebook - Khaled El-katateny
Б. С. Б. | Црнобело