Се продаваат по илјадници долари за килограм, а некои луѓе не можат да ги поднесат - Зошто тартуфите се толку скапи?
За да ги купите треба да потрошите вистинско богатство, а некои луѓе воопшто и не можат да го поднесат нивниот мирис. Сепак, биле забележени низа инциденти со убиство, кражба и саботажи за да се стигне до нив – интересни факти за тартуфите.
Во луксузните ресторани во Њујорк за 10 грама рендани тартуфи врз порцијата паста треба да бидете подготвени да платите и до 200 долари. Кинеските верзии на печурките се мошне поевтини од француските и италијанските производи. Во маслото со тартуфи, може и воопшто да нема од овие печурки, а познатиот готвач Умберто Бомбана потроши 118.000 долари за да купи 1 kg ретки бели тартуфи.
Ова се само некои од фактите што во продолжение ќе можете да ги прочитате за тартуфите, што уште се нарекуваат и кралски печурки.
Општопознат факт е дека станува збор за скап деликатес, што често се наоѓа на менијата на некои од најелитните ресторани во светот, кој е познат по својот специфичен мирис и арома.
Што знаеме за овие печурки, зошто се толку скапи и што се подготвени луѓето да направат за да стигнат до нив?
Во продолжение неколку интересни факти што можеби не сте ги знаеле:
Во светот постојат над 40 видови тартуфи. Најпознатите и најскапите печурки доаѓаат од Франција и Италија, но во последно време во светот сè почесто се продаваат и кинеските верзии.
Најскапи од сите видови на тартуфи се белите диви тартуфи што се продаваат за цена од околу 4.500 до 8.000 американски долари по килограм.
Најскапиот продаден бел тартуф достигнал цена од 330.000 американски долари. Неодамна познатиот готвач Умберто Бомбана даде 118.000 долари за да купи 1 kg бели тартуфи.
Кинеските тартуфи пак, најчесто се црни тартуфи што се продаваат по цена од 40 до 60 долари за килограм, што е далеку поевтино од италијанските бели тартуфи што ги спомнавме погоре, или пак од француските што се продаваат по цена од 1.600 долари за килограм.
Цената на тартуфите се должи во главно поради тоа што мошне тешко се наоѓаат, а имаат и краток рок на траење.
Сезоната на берба на овие печурки трае од септември до ноември, а потребни се точно одредени временски услови за да може да се одгледуваат.
За една печурка да порасне во целост потребни се од 7 до 10 години, а тајната за нивниот специфичен мирис се крие во нивниот хемиски состав.
Во потрага по тартуфи се оди со кучиња или во минатото со свињи.
Се верува дека свињите ги наоѓаат печурките благодарение на мирисот што е сличен со секусалните феромони на свињите мажјаци.
Сепак, затоа што често може да го изедат плодот, во Италија од 1985-та година била ставена забрана да се користат свињи за берба на тартуфи.
Иако се мошне скапи, голем број од луѓето воопшто не можат да го поднесат нивниот мирис. Некои луѓе мирисот на тартуфи ги потсетува на нешто скапано, на пот или пак на урина.
За масло од тартуфи воопшто и не се потребни овие печурки.
Најчесто ова масло се изработува од маслиново масло и може да содржи мали парчиња тартуфи или пак вештачки добиени супстанции што го даваат специфичниот мирис на тартуфи.
Побарувачката за овие ретки печурки е мошне голема, па луѓето се подготвени да направат и кривични дела за да стигнат до нив.
Така во минатото медиумите известуваа за Габриеле Капорале од Италија кој не успеал да го спаси животот на своето куче со коешто бил во потрага по кралските печурки.
Претходно, ривалните групи оставале парчиња месо со отров со цел да ги саботираат другите трагачи по тартуфи, а кога сфатиле дека тоа не дава резултат, почнале да ги трујат и околните води. Кучето застанало да се напие вода по што веднаш се затруло.
За ваквите саботажи и за темната страна во потрагата по тартуфи пишува и Рајан Џејкобс во неговата книга: The Truffle Underground.
Во 2015-та година Французинот Лорен Рамбо бил осуден на 8 години затвор откако со пушка го застрелал крадецот што земал тартуфи во неговиот двор.
Имено, Рамбо бил банкарски службеник што засадил црни тартуфи во близина на стебло од даб и се надевал дека на тој начин ќе стекне дополнителни приходи.
Еден од најголемите скандали со тартуфи, беше забележан во 1998-мата година кога во една од најголемите компании за тартуфи Urbani Tartufi, биле најдени 47 тони евтини кинески тартуфи што се продавале како италијански.
Б. С. Б. | Црнобело