Во минатото, луѓето од немарност биле закопувани живи – приказни од кои ќе ви „застане“ здивот
Предвремено погребување, познато и како „живо погребување“ значи закопување на суштество додека е сѐ уште живо.
Колку и да звучи ужасно, оваа урбана легенда за жал со себе носи делумна вистина.
Имено, во дамнешното минато минималниот развиток на медицината придонесувал многу потешко да се утврди дали некој навистина е мртов или е во кома, или пак можеби е само изнемоштен или парализиран.
Па така, не е ни чудно што често се случувало животните или луѓето да бидат погребани живи случајно, односно под погрешна претпоставка дека се мртви или пак намерно како вид на тортура, убиство или погубување.
Исто така, овој чин наводно се распространувал и со согласност на жртвата како дел од трик, со намера таа да побегне.
Неминовно е да се спомене традицијата за човечки жртвувања. Робови, воени заробеници и други луѓе биле закопувани живи за да се смират душите на дотичните или пак да се исчистат од можните гревови.
Во некои делови на Европа и Северна Америка во текот на 18, 19 и почетокот на 20 век завладеала тотална паника во врска со предвремените погреби, оправдана со горенаведените факти.
Историчарите претпоставуваат дека оваа врева веројатно е поттикната од медицинското откритие кое вели дека жртвите на задушување и давење може да бидат реанимирани и дека иако изгледале мртви, тие навистина не биле. Големината на овие стравови особено се доловува во текот на 19 век.
Луѓето од повисоките класи и оние коишто имале доволно финансиски средства, во претходно оставените тестаменти запишувале нивните ковчези да бидат опремени со сигнални уреди кои ќе детектираат дали тие се со сигурност починати.
Никој не знае дали некој од овие уреди некогаш навистина бил искористен за испраќање на сигнал од гробот.
Почнувајќи од околу 18 век, „сомнително“ починатите биле подложени на брутално непријатни тестови за утврдување на нивната смрт.
Овие тестови содржеле неконтролирано штипење на брадавиците, па сè до вжештени метални предмети вметнати во нивниот анус. Ако на тој последен тест не биле регистрирани некакви знаци, тоа воедно значело дека човекот е со сигурност мртов.
Вистинскиот новитет кој впрочем го разрешил овој неморален чин настанал во 1846 година, кога францускиот лекар Ежен Бушут предложил употреба на нова технологија на стетоскоп, со цел да се слушне отчукувањето на срцето.
Се смета дека токму овој таканаречен „изум“ бил тотална пресвртница од овие развратнички ритуали.
Во продолжение ви издвојуваме три приказни за луѓе коишто доживеале ваква морничава судбина:
Бебето од Донгдонг
Бремената Лу Ксијаојун живеела во рурален дел на Кина и немала соодветната медицинска нега којашто ѝ била потребна. Кога таа почнала да се пораѓа сите мислеле дека се наоѓа во четвртиот месец од бременоста. Бидејќи по породувањето детето не се расплакало, луѓето помислиле дека девојчето е мртво.
За среќа, таткото на бебето сфатил дека неговата сопруга има итна потреба од лекарска нега, па повикал брза помош. Тие ја пренеле жената во болница, каде што било утврдено дека таа била всушност во седмиот месец од бременоста.
За тоа време, неговата мајка веќе го закопала бебето. Откако лекарите го прашале како можеле толку брзо да го сторат тоа, без никаква соодветна проверка, таткото како стрела долетал дома и го ископал неговото дете.
На големо изненадување, девојчето било сѐ уште живо. Бебето и мајката поминале само три дена во болница, бидејќи немале пари за подолг престој.
Откако оваа вест се проширила, семејството добило бројни донации кои го овозможиле нивното понатамошно лекување.
Том Герин
Во 19 век, Ирска била погодена од голема немаштија и глад. Гробарите биле под голем притисок да најдат места за погребување.
Со оглед на притисокот, тие честопати правеле грешки. Така по грешка бил погребан Том Герин, кој во тоа време имал само три години. Момчето успеало да се ископа, иако гробарите случајно му ги скршиле двете нозе со лопати додека го закопувале.
Постои и верзија според која гробарите ја сфатиле својата грешка токму кога му нанеле болка на момчето со лопатите и по неговиот плач, брзо го ископале.
Сепак, Том, кој живеел уште 45 години никогаш не ја поддржал оваа втора верзија.
Наталија Пастернак
Наталија Пастернак од Сибир честопати шетала во шумата со своето куче. Еден ден била нападната од мечка и како резултат на претрпениот страв, изгубила свест.
Мислејќи дека е мртва, мечката ја закопала, како што всушност тие го закопуват својот плен. За среќа, за брзо време дошле локалните ловџии кои веднаш ја откопале Наталија. Подоцна таа изјавила дека ова искуство ѝ дало нов живот.
Познато е дека токму поради ваквите случувања, стравот од погребување жив и ден-денес е на листата на најчестите фобии кај луѓето ширум целиот свет. Овој страв е наречен тафофобија.
За крај, мора да признаеме дека во оваа нова ера дефинитивно треба да бидеме благодарни што деновите на инфериорна медицинска опрема и недостаток на знаење претежно стојат зад нас.
Мила М. | Црнобело