„Дадов отказ, го откажав станот“ – Девојка била сурово „откачена“ од момчето кратко пред да се пресели кај него
Стефани Гортон од Австралија верувала дека го пронашла вистинскиот и се подготвила да се пресели во Шкотска за да почне заеднички живот со него. Но, две недели пред да замине за Шкотска, партнерот ја оставил.
Стефани го запознала „вистинскиот“ преку Tinder, додека тој патувал низ нејзината родна држава. Почнале врска на далечина, а бидејќи партнерот често патувал, одвреме-навреме Стефани одела на дестинацијата каде што се наоѓа за да се видат.
По некое време, тие одлучиле да почнат да живеат заедно, па дури зборувале и за имињата на нивните деца и, во 2017-та, Стефани се подготвила да се сели. Таа дала отказ од работа, го откажала станот и испратила дел од нејзините работи во Шкотска.
Но, околу еден месец пред да треба да се пресели, партнерот сè поретко ја контактирал, а две недели пред нејзиниот лет, ја оставил.
„Во тие четири недели ми беше тешко да допрам до него… Дури ѝ се јавував на мајка му. Генерално, имаше предупредувачки знаци. Нашата врска не беше совршена, имаше проблеми со довербата, но го сакав. Мислев дека ова е љубов, а љубовта не е лесна и треба да се бориш за неа. Така размислував тогаш“.
Стефани се обидувала да не мисли на најлошото, но вели потсвесно како да знаела дека ова е крај. Кога партнерот конечно ѝ се јавил, ѝ рекол:
„Стефани, премногу е тешко, а не треба да биде. Ако е тешко сега, ќе биде уште потешко подоцна. Ќе дојдеш овде и ќе немаш пријатели. Ќе зависиш од мене, а моментално не сум во добра финансиска состојба. Ајде да забавиме и да почекаме“.
Стефани веднаш почнала да истражува и сфатила дека нејзиното момче минувало многу време со девојка од Јужна Америка. Но, тој си имал афери и со други девојки што ги сретнувал на патувањата.
Стефани се нашла во навистина неповолна положба – покрај тоа што останала без партнер, таа била и без работа.
„Најлошото беше кога требаше повторно да отидам да си ја барам старата работа, пред луѓе кои знаеја дека требаше да се селам во Шкотска. Бев многу засрамена“.
За среќа, нештата почнале да се одвиваат во нејзина корист – Стефани почнала да ја гледа лошата ситуација како лекција и решила да се фокусира на професионалниот успех. Одела на истото работно место, но за викендите се фокусирала на цвеќарата што сака да ја отвори.
Само 9 месеци подоцна, си дала отказ и целосно се посветила на цвеќарата. Набрзо имала добар бизнис со 14 вработени, на три локации низ нејзиниот град. После некое време го продала бизнисот за огромна сума, почнала друг бизнис и сега заработува петпати повеќе.
На Стефани ѝ се насмевнала и среќата во љубовта, откако го запознала нејзиното момче Тим, со кого уште е во врска.
Денес на Стефани ѝ е драго што никогаш не се качила во авионот, а верува дека очајната ситуација во којашто се нашла ѝ помогнала да стане најдобрата верзија од себе.
Спирова С. | Црнобело