37-годишна мајка со ампутирани нозе покажува дека и луѓето со инвалидитет можат да го имаат животот од соништата
Иако Хулиа ги изгубила двете нозе на 18-годишна возраст, таа има свој бизнис, се грижи за своето дете, па дури и патува низ светот.
Хулиа се родила со деформитет на рацете и нозете и до шестата година веќе имала 21 операција поради тоа. Таа научила да оди, но на 18 години ѝ се развила сепса, па морале да ѝ ги ампутираат двете нозе.
„Шрафовите што ми ги ставија за да ми ги средат нозете предизвикаа труење на крвта. Поради ова ми се појави сепса и за да ми го спасат животот, мораа да ми ги ампутираат нозете“.
Нo, оваа храбра жена не дозволила нејзиниот инвалидитет да ја спречи да го живее животот со полни гради.
37-годишната Хулиа живее во Германија со сопругот Денис, а годинава го добиле и нивното прво дете. Таа е сопственичка на продавница на облека, но има и Instagram профил со кој сака да покаже дека и луѓето со инвалидитет можат да имаат нормален живот.
Таа вели дека инвалидитетот ѝ поставува многу предизвици во секојдневниот живот, но не дозволува тоа да пречи во грижата за нејзиното синче.
„Има некои работи за кои ми требаат помош и користам количка за да се движам, но многу често лазам или користам скејтборд. Многу е полесно да ги завршувам обврските со скејтборд“.
За мајчинството, Хулиа вели дека на почетокот ѝ било многу страв, но сега се снаоѓа одлично.
„Нашата куќа не е специјално опремена, но свекорот ми направи кошница со тркала во која можам да го носам бебето од една соба во друга додека лазам“.
Храбрата мајка споделува и дека дои, менува пелени и прави сè што прават сите обични мајки, но „на малку поразличен начин“.
Нејзиниот Instagram профил го направила со цел да споделува детали од животот на личност со инвалидитет, но и од животот на нова мајка. Нејзините објави се инспирација за многумина, па сега Хулиа има над 22.000 следбеници.
Наводно, инспирацијата за профилот ја добила откако се охрабрила да излегува од удобната зона, со помошта на нејзиниот сопруг.
„Бевме на плажа во јужна Италија, бидејќи јас и Денис патуваме многу. Не патував пред да го сретнам, но тој ме изнесе од мојата удобна зона и го пропатува светот со мене. Дури бевме и на сафари во Кенија каде што спиевме во шатори“, вели Хулиа за нејзиниот сакан.
„Сето ова се работи кои не би очекувале да ги направи девојка без нозе, но беше возможно. Денис ме носеше насекаде или едноставно лазев. Не ни беше грижа што нè гледаат другите“.
Парот никогаш не сретнал други луѓе со волку сериозен инвалидитет, и токму затоа кога биле во Италија решиле да ги искористат фотографските вештини на Денис за да му покажат на светот дека и овие луѓе можат да патуваат, да се облекуваат убаво и да се чувствуваат атрактивно.
„Неретко, луѓето со инвалидитет се повеќе исплашени од туѓите погледи наместо од самиот инвалидитет. Научив да го надминам тоа благодарение на мојот сопруг. Сметам дека колку повеќе луѓе како мене ќе има во јавноста, на социјалните мрежи, на телевизија, тоа ќе стане нормална глетка за сите“.
Хулиа и Денис се запознале во 2015-та, а стапиле во брак три години подоцна. Според Хулиа, сопругот е една од најголемите причини што нејзиниот живот станал полесен.
„Ако имате добар партнер и навистина сакате да направите нешто, направете го. Секогаш има начин и решение за сè“.
Нејзините Instagram следбеници, пак, се доказ дека Хулиа е вистинска инспирација. Таа редовно добивала пораки во кои луѓето ѝ кажувале дека им влевала надеж за подобро утре.
„Се сеќавам кога првпат се видов во огледало после ампутацијата и кога навистина сфатив дека сега имам само половина тело. Си помислив дека сега морам да почнам да учам и да најдам добра работа, и го направив тоа“.
Хулиа станала независна, си купила стан и автомобил и почнала да размислува дали некогаш ќе најде љубов.
„Се прашав дали можеби има маж кој ќе ме сака, на кого ќе му бидам привлечна и ќе сака да биде со мене и покрај сите лузни и деформираното тело. Па, го најдов и сме многу вљубени, а на нашата среќа ѝ нема крај откако го добивме ова прекрасно, совршено момче“.
Откако ѝ ја направиле ампутацијата, лекарите сметале дека целиот живот ќе го помине во некој центар за нега. Но, Хулиа им го докажала спротивното.
„Мислам дека успеав да го постигнам она што сакам бидејќи секогаш верував дека можам“.
Спирова С. | Црнобело