Седум придобивки од медитацијата поткрепени од науката
Иако медитацијата е техника што постои со векови, таа стана популарна дури последниве неколку години.
Со зголемувањето на нејзината популарност, научниците почнаа да се интересираат за оваа техника, па денес и науката ги поткрепува нејзините придобивки.
Сигурно безброј пати сте слушнале дека медитацијата е доста ефикасен „лек“ за стрес и анксиозност, но нејзиното позитивно влијание се чувствува и врз физичкото здравје.
А, доколку сè уште не сте ѝ дале шанса, резултатите од бројните истражувања ќе ве натераат да го направите тоа:
Подобра концентрација
Медитацијата ви помага да се вратите во сегашноста, а со тоа ја подобрува и вашата концентрација. Ова го докажало и истражување од Харвард.
17 испитаници имале задача да следат 8-неделна програма за медитација, а потоа се покажало дека во деловите од мозокот одговорни за учење, меморија и регулирање на емоциите имало зголемување на сивата мозочна маса.
Поголема самодоверба и свесност за себе
Живееме во навистина брз свет, но медитацијата е алатка што ќе ви помогне да забавите и притоа да размислите за себе и да ги откриете сите позитивни аспекти од вашиот карактер.
Медитацијата ве учи свесно да ги набљудувате вашите мисли, без да им судите, а ова го подобрува целокупното мислење што го имате за себе.
Според истражување спроведено од научници од Стенфорд, медитацијата може да им помогне и на луѓето кои страдаат од социјална анксиозност.
Намалување на стресот
Оваа техника може да го намали и нивото на кортизол – таканаречениот „стрес хормон“.
Кај некои техника за медитирање се употребуваат и „мантри“, односно позитивни реченици кои треба да ги повторите неколкупати. Ова повторување на позитивните фрази ви помага да се оддалечите од негативните мисли и грижите, а со тоа и да го намалите нивото на стрес.
Постои и таканаречена трансцендентална медитација, каде што треба тивко да повторувате некој збор или да испуштате одреден звук (како ОМ). Истражување од 2019-та покажало дека овој вид медитација значително го намалува стресот, но и заморот.
Справување со анксиозност или депресија
Можеби медитацијата не е лек за анксиозност и депресија, но со самото тоа што ве враќа во реалноста, ви помага да се ослободите од негативните мисли.
Истражување од 2014-та открило дека медитацијата ги ублажува симптомите на анксиозност и депресија до тој степен, што може да биде и дел од терапијата.
Сепак, ако имате сериозни проблеми до депресија и анксиозност, најдобро е да побарате помош од професионалец. Во овој случај, медитацијата е како алатка за ублажување на симптомите, а не лек.
Справување со зависност
Истражувањата покажале дека медитацијата може да влијае и врз рецепторите на мозокот поврзани со зависност од дрога или алкохол. Најверојатно, причината е тоа што медитацијата им помага на луѓето да станат посвесни за потребата од наркотици или алкохол, и со тоа полесно да ја контролираат или надминат.
Се разбира, и во овој случај, помошта од професионалец е најдоброто решение.
Ја намалува болката
Годинава било направено истражување врз приближно 6.400 испитаници, кое покажало дека медитацијата помогнала во намалување на болката, без разлика дали е акутна, хронична или од операција.
Медитацијата нема целосно да ја елиминира болката, но може да ви ја промени перцепцијата за неа, и со тоа да ја направи поподнослива.
Ве прави подобра личност
Медитацијата ве учи на љубов и сочувство кон самите себе, но и кон сите околу вас.
Со медитација ќе научите да се прифатите себеси онакви какви што сте, но и да ги прифатите вашите сакани, со сите нивни недостатоци.
Спирова С. | Црнобело