Бонтон во ресторан 2
Во продолжение на првиот дел за однесување според бонтон кога сме во ресторан уште неколку совети кои треба да ги имате на ум. Кога храната...
...ќе се појави на вашата маса, мажот не почнува прв со јадење. Жената е таа која почнува прва да јаде.
Секако, весник не се чита во ресторан ниту за време ниту по јадењето. Во јавните локали се разговара тивко и одмерено.
Келнерите во рестораните треба да ги ословуваме со „господине“, а келнерките со „госпоѓице“. Имајте на ум дека не е културно да се впуштате во разговор со персоналот на ресторанот, дури и ако добро се познавате. Нивна работа е вашата избраничка да ја послужат со сок, вино или вода, а не вие.
Плаќањето во ресторан, во основа е должност на мажот. Но, не значи дека не се можни отстапки – и жената може рамноправно да учествува во плаќањето на сметката.
Тогаш за да се поедностават работите добро би било мажот да ја плати заедничката сметка, а потоа можете да си ги поделите трошоците. Пожелно би било тоа да не го правите во ресторанот.
При напуштање на локалот редоследот на излегување е обратен од редоследот на влегување. Од масата прво станува жената, а мажот оди зад неа, осигурувајќи и „отстапница“.
На крај, треба да кажеме дека секое дотерување на гостите на маса, чистење и дотерување на гардеробата (кај жените-чешлање и шминкање) е спротивно од правилата за добро однесување во секој локал. За таа цел служат огледалата во гардеробата пред влезот во салата, како и огледалата во тоалетите.
Можеби делува како големо оптеретување што ќе ве попречи да уживате во оброкот кој сте го порачале, но треба да имате на ум дека секое однесување спротивно од правилата кои се категоризираат како културни ќе биде забележано и нема да наиде на одобрување ниту од присутните ниту пак од личноста со која сте излегле.