Како да престанете да се грижите за туѓото мислење за вас?
Нема личност којашто не се грижи што другите мислат за неа. Иако понекогаш е добро да добиете второ мислење, неретко го земате предвид и мислењето на оние на коишто не треба.
Поради ова, почнувате да правите или да не правите некои нешта само затоа што сте загрижени што ќе кажат и помислат другите. Ова не ви дозволува да бидете свои и понекогаш може навистина да ве закочи.
Секој човек има желба да припаѓа некаде и да биде прифатен, но кога туѓото мислење се само критики и негативност, не треба воопшто да размислувате за тоа. Нормално, ова е полесно да се каже отколку да се направи.
Постојат безброј причини зошто толку ви влијае мислењето на другите – од строги родители, па сè до малтретирање на училиште. Без разлика која е вашата причина, има начин да излезете од оваа замка.
Погледнете како да престанете да се грижите за туѓото мислење:
Не заборавајте: Негативните коментари на некој се повеќе за него отколку за вас
Најчесто луѓето го критикуваат кај другите она што не го сакаат кај себе. Па следниот пат кога ќе се соочите со негативен коментар, потсетете се дека главно, коментарот не е за вас, туку за личноста којашто го кажала.
Многумина се чувствуваат подобро за себе откако ќе критикуваат некој, па не дозволувајте овие критики да допрат до вас.
Бидете искрени кон себе
Без разлика што ви велат другите, останете искрени кон себе. Правете го она што го сакате и што сметате дека е добро за вас, а не она што ви го велат другите.
Немојте да се менувате само затоа што некој го побарал тоа од вас. Секогаш бидете искрени кон себе и кон вашите потреби и желби.
Ова е ваш живот
Вашиот живот е само ваш и никој не смее да ви кажува што треба да правите. Добро е да се консултирате со некоја сакана личност доколку сте во дилема, но на крај направете го она што сметате дека е најдобро.
Сепак, последиците од секоја постапка и одлука ќе ги „трпите“ вие, без разлика дали се добри или лоши. Не заборавајте дека секогаш ќе има некој што не се согласува со вас. Не можете да ги задоволите сите, но можете да се задоволите себеси.
Отстранете ја негативноста
Доколку проблемот е една личност, веднаш отстранете ја од вашиот живот. Не ви е потребен пријател кој шири негативност и кој не ве поддржува.
Пријателите и саканите можат да ви ги кажат нивното мислење, но не и да ви судат поради вашите одлуки.
Променете ја перспективата
Знаевте ли дека никој не размислува за вас колку што мислите? Сите си имаат свои грижи и проблеми, па ретко кој ќе седи со часови за да размислува за вашите „лоши“ постапки.
Доколку сте загрижени како изгледате во очите на некоја личност, не заборавајте дека и таа личност се грижи за истото.
Заборавете ја совршеноста
Сигурно си мислите дека ако сè правите совршено, другите ќе ве сакаат и ќе ве ценат. Но ова е бесцелно бидејќи совршеноста е само илузија.
Запознајте се
Што навистина сакате од животот? Дали ги донесувате одлуките според вашите желби или само сакате да импресионирате некого? Запрашајте се, што е она што вие го сакате, а не што другите го очекуваат од вас.
Најдете го вашето „племе“
Сигурно постојат луѓе кои ги сакаат и ценат истите работи како вас. Немојте да си го трошите времето со некој кој никогаш не е задоволен од вас. Најдете личности кои ќе ве ценат и сакаат онакви какви што сте.
Дозволете си да бидете ранливи
Навистина е страшно да ризикувате, а уште пострашно е да се соочите со неодобрување. Но одлучете што сакате, верувајте си и почнете да се движите во таа насока. Нема никогаш да созреете ако играте безбедно.
Сепак, најмногу ќе научите од вашите неуспеси, па престанете да се срамите од нив.
Прифатете помош
Грижата за туѓото мислење и анксиозноста што произлегува одовде може да се реши со „посвесно“ размислување. Но доколку вашиот проблем има корени од некаква мината траума, можеби ви е потребна и професионална помош.
Во тој случај, не плашете се да ја побарате. Дозволете некому да ви помогне и немојте непотребно да си го продолжувате страдањето.
Бидете свој пријател
Реалноста е сурова, но никогаш нема да бидете сакани од сите. Па, прифатете го ова што е можно побрзо. Прифатете дека нема да се поврзите со секој, нема да бидете добар пријател со сите и нема на сите да им се допаѓа она што го правите.
Наместо тоа, фокусирајте се на себеси и на тоа да станете подобра личност од вчера, а не подобра личност од некој друг. И најважното, направете го тоа за себе.
Спирова С. | Црнобело