Шармот на европските градови пресликан во мини слики со водени бои
Додека повеќето туристи при рака го имаат својот фотоапарат, артистот Дени Хок со себе ја носи и тетратката за скицирање.
Неговите мали ремек-дела од мастило и водени бои ги прави на самата локација што ја црта и на одличен начин ги доловува архитектурата, улиците и руралните пејсажи ширум Европа.
Дени отсекогаш сакал да црта, но како и повеќето креативни луѓе, му било тешко да најде време да ѝ се посвети на уметноста.
„Додека растев, ликовно ми беше омилениот предмет. Сакав да скицирам, особено градби и места. Но, некаде по патот кој го следев, ја потиснав таа страст.“
Дени поминал 10 години учејќи германски и меѓународни односи. Потоа, во 2012-та година, се преселил во Германија и си го исполнил сонот да живее во странство.
Во 2017-та година, пак, се случило нешто „навистина волшебно“ - во неговиот живот почнале да се појавуваат креативни луѓе, почнал да следи уметници онлајн и почнал одново да работи на неговата страст.
Оттогаш Дени ја исполнува неговата тетратка со мали слики од мастило и водени бои на кои се прикажани местата што ги посетува. Од историските замоци во Ирска, до шармантните француски гратчиња, Дени успешно ги претвора местата во деликатни слики.
Погледнете дел од неговите дела - европски гратчиња пресликани во мини тетратка:
Спирова С. | Црнобело